Ниската еколошка свест останува и понатаму најголем проблем во справување со отпадот во градот. Согласни се сите и граѓаните, надлежните, претставниците од еколошките здруженија и клубовите за нуркање, дека и покрај низата активности за подигнување на свеста, бројните еколошки акции, апели, сеуште сме сведоци на несоодветно депониран отпад, рафрлани отпадоци како долж крајбрежјето, така и во самото Охридско Езеро.

На анкетното прашање што во оваа насока го упати Охридњуз до граѓаните, а гласеше „Постои ли еколошка свест кај нас?“ висок 91% од граѓаните се изјасниле негативно, додека само 9% имаат позитивен одговор. Во гласови тоа би значело дека 1099 граѓани сметаат дека, за жал, сеуште не постои еколошка свест, додека само 104 граѓани размислуваат спроотивно.

Еколошката свет сеуште на ниско ниво

Иако се забележува подобрување на еколошката свест кај населението, со вклучување во активности и проекти од областа на екологијата, сепак еколошката јавна свест е на ниско ниво, вели Никола Паскали, од Клуб за нуркање Акватек.

Сите сме сведоци на секојдневните слики од расфрлани отпадоци и мини депониии, ќеси со ѓубре покрај кантите и депонирање на кабаст и зелен отпад во денови во кои не е предвидено да се собира. Иако во градот постојат канти за селектирање на отпад, гледаме дека несоодветно се користат и во таквите канти завршува се и сешто. Ситуацијата под вода е слична. Се наоѓаат и се собираат отпадоци од секаков вид и габарит, но најмногубројна е пластиката за еднократна употреба и пластичната амбалажа. Покрај цврстиот отпад, како најголем загадувач на Охридското Езеро се отпадните води и реките, за кои треба да се обрни поголемо внимание, потенцира.

Од пластиката, вели, која е најраспространет вид на цврст отпад, ги издвојува пластичните шишиња за вода, кои се користат секојдневно, поготово во летните месеци.

фото. Никола Паскали

Расфрлани ги наоѓаме насекаде, а потребно е стотици години за да се разградат, ако не се селектираат/рециклираат соодветно. Затоа апелираме барем за шишиња за вода да се користи еколошка алтернатива, како на пример термос за вода, кој покрај тоа што е поеколошка, е и поефтина и поздрава опција. Исто така, во летниов период, посетителите на плажа би било коректно да се погрижат за отпадоците кои ги оставаат во песокот, а тоа најчесто се отпушоци од цигари, пластични лажички, капачиња, кои се акумулираат во песокот и создаваат нехигиенски хаос, а кои тешко се собираат и долго време се разградуваат. За поздрава и почиста животна средина, потребно е вклучување на сите страни, од институции, стручни лица до сите граѓани. Потребни се и промени во секојдневните навики, со намалување на употребата на пластика за еднократна употреба и нејзина замена со еколошки материјали. Потребно е намалување на целокупниот отпад кој го создаваме, понатака, соодветно селектирање и рециклирање на отпад. А би било добро и да се воведат построги санкции за несовесни граѓани и посетители, додава Паскали.

Еколошката свест е пред cè дифузна, неопределена и нестабилна, вели Ѓоко Зороски од Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016”. Сликата на терен, истакнува, јасно ни покажува дека еколошката свест е на мошне ниско ниво кај возрасните, кои сигурно, некои од нив имаат деца на предучилишна возраст, а ова го гледаат и нивните деца, па сосема е очекувано дека тие подоцна ќе се однесуваат на ист начин кон животната средина.

Ова е поткрепено со одредени фактички податоци според кои нашата држава е на речиси на дното на листата според нивото на еколошка свест. Еве за пример, градот уште се доживува како претстава коja ja режираат локални моќници. Таа ситуација доведува до расчекор во сфаќањето на еколошката криза, како социјална криза и обратно, социјалната криза како дел од еколошката криза. Потребни се акции на ниво на држава, кога цела нација е вклучена во општокорисни акции на пошумувања, уредувања на земјишта и урбани средини, слични на волонтерските акции од минатото. Со тоа се надевам дека новите еколошки едуцирани генерации со сигурност ќе ги препознаваат проблемите, ќе ги промовираат принципите и ќе ги поттикнуваат мерките за поодговорен однос кон животната средина, потенцира.

Еколошки одговорната личност, додава Зороски се формира од најрана возраст и со тоа се насочува кон еколошко посакувано однесување, а еколошката свест мора да биде важен дел на националната свест и елементарен патриотизам.

Постојани апели од ЈП „Охридски Комуналец“

Сведоци сме и на постојаните апели од ЈП „Охридски Комуналец“ за соодветно одлагање на отпадот и  постојаното создавање мини депонии.

Никако да се искоренат лошите навики од создавање мини депонии во секоја урбана заедница. И покрај сите наши акции и заложби за чист град, деструктивниот однос на поединци остава последици на секој чекор. Граѓаните тешко ги менуваат своите навики покажувајќи ја само ниската еколошка свест, потенцираат.

Велат, само што ќе се подигне расфрлан, непрописно депониран отпад, потоа повторно никнува нова мини-депонија.

Граѓаните редовно и транспарентно се информираат за акциите за подигнување кабаст и зелен отпад, согласно годишниот календар за 2024 год., но последиците од лошите навики сведочат на секој чекор, потенцираат.

Во дел од реализираните акции за расчистување на диви депонии во с. Рамне и с.Косел беа подигнати 46 м3 кабаст и зелен отпад, додека од повеќе локации во населба Даљан, Воска, ул. „Гоце Делчев“ и ул. „Ариф Мустафа“ беа подигнати се 24 м3 отпад (зелен отпад, кабаст отпад и градежен шут) кој несовесни граѓани го имаа расфрлано насекаде.

Апелите остануваат до граѓаните да се почитува динамиката согласно годишниот календар за 2024 год. на акции за подигнување кабаст и зелен отпад.

Голема количина на ПЕТ амбалажа и мешан отпад беа собрани во рамки на еколошката акција „Генералка Викенд“ која неодамна се спроведе, а во теренските активности беше опфатен потегот од плажата „Горица“ до поранешната детска болница и хотел „Метропол“ до населба Лагадин и село Пештани.

Од отпад редовно се чисти и езерото

Таква беше и скорешната акција во која беа собрани 120 метри кубни отпад, исчистени 6 локации преку акцијата на Скопско за чистење на Охридското Езеро и крајбрежјето.

Преку оваа акција успеавме да исчистиме неверојатни 120 метри кубни отпад – цврст и пакувачки отпад, метални конструкции и автомобилски гуми на 6 различни локации, а во акцијатa беа вклучени вкупно 170 нуркачи и волонтери. Нашата долгорочна цел е да ја подигнеме свеста за важноста на зачувување на нашата природна средина, посочи Марта Завкова, сениор бренд менаџер за Скопско во Пивара Скопје.

Во текот на акцијата нуркачите успеаја да извадат голема количина отпад од подводниот дел на езерото. Од нуркачкиот клуб Амфора беше посочено дека сите заедно, со мали но значајни чекори, можеме да го зачуваме нашето природно наследство и да обезбедиме чиста и здрава животна средина за идните генерации.

Н.С.Ј.

Следна анкета: Кој ќе го освои Европското првенство во фудбал?