Еколошки инцидент се случил викендов на Охридското Езеро кај селото Дрилон во Албанија, во близина на граничниот премин Св. Наум. Големи количини непречистена вода се влеале во Езерото, најверојатно поради дефект на пречистителната станица која се наоѓа во близина.
Граѓани го алармирале еколошкото друштво Грашница од Охрид, кое веднаш побарало објаснување од надлежните институции во Албанија.
Според првичните информации кои ги добило ЕД Грашница, се работи за загадување со фосфор, кој е мошне опасен бидејќи го забрзува процесот на стареење на езерото.
-За жал, фосфорот ја предизвикува најнепосакуваната појава за нашето езеро, а тоа е збогатување со органски материи, т.е. еутрофикација. „Хранењето“ на езерото со фосфор преку вакви инциденти енормно го забрзува растот на водната вегетација која потоа се распаѓа, за тоа треба кислород и се појавува недостаток на овој клучен елемент за нормален живот на водниот свет. Се јавува домино ефект, а пастрмката е прва на удар која живее во води богати со кислород. Тоа може да се спореди со канцер кој придонесува за побрзо стареење и умирање на езерото, т.е. крајна фаза – мочуриште.-алармираат од ЕД Грашница.
Засега не се знае дали се работи за изолиран инцидент, или вакви испади во работата на пречистителната станица кај селото Дрилон се случувале почесто. Охридските екологисти загриженост изразуваат и за состојбата на пречистителните станици на македонска страна и бараат истите да бидат проверени од надлежните институции.
-Многупати сме реагирале за неработењето на пумпните станици и внес на отпадни води на повеќе локации – бајпасот кај Грашница, Далјан, Подмолје, а треба да се провери и водата која од пречистителната станица во струшко се испушта во реката Црн Дрим, посочуваат од ЕД Грашница.
Големи количини фосфор завршија во езерските води
За последниот инцидент ЕД Грашница го информирало Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, во кој партиципираат претставници на надлежни министерства и институции од двете држави.