Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ во последната нивна анализа посветена на загрозениот статус на Охридскиот регион во УНЕСКО и колку државата постапува согласно препораките од светската организација укажува на веќе востановената практика, легислативата да не се спроведува, одговорноста да се минимизира, доброто да се девастира.

Од „Фронт 21/42“ посочуваат дека формално има подготвеност за справување со проблемите, постои легислатива согласно препораките, но проблемот е што истата не се спроведува.

Управувањето со светското наследство во Охридскиот Регион е еден многу необичен лавиринт. И покрај свеста за одговорноста кон целиот свет и сите идни генерации, сите заложби за негово зачувување и исполнување на препораките на УНЕСКО, од страна на сите, и покрај сите планови, одлуки, заклучоци, итн. – уништувањето продолжува, додека сите посветени претставници на сите релевантни институции постапуваат во согласност со законите и своите ингеренции. – стои во анализата.

Според „Фронт 21/42“, не постои инвентар на дiвоградби, а согласно тоа не можат да се спроведуваат ниту Студиите за оценка на влијанието врз животната средина односно врз културното наследство.

Инвентар за сега постои само како збор во Извештаите кои нашата Влада ги праќа до Центарот за светско наследство. Според Извештајот од минатата година, Министерството за транспорт и врски изработило Инвентар на дивоградби во соработка со општините и НП Галичица. Кога го побаравме – добивме одговор дека Министерството не ја поседува бараната информација. Додаваат дека е формирана Работната група која работи на ажурирање на инвентарот на бесправни градби, нивно мапирање по што ќе следи постапката на уривање. – се наведува во анализата.

Според „Фронт 21/42“, актуелната легислатива и поставеност на работите само покажува дека новиот Закон за легализација на бесправно изградени објекти (со кој се спроведува Препораката бр. 9 за справување со дивоградбите во светското наследство) нема да претставува пречка за легализација на дивоградбите во Охридскиот Регион и ниту еден објект нема да има негативна оцена на влијанието, а општинските одлуки за стопирање на легализацијата на дивоградби веќе не важат.

Пред да се разгледува во Баку впишувањето на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност, според Извештаите кои ги доставуваше државата, имавме законски пречки да воспоставиме Мораториум (слично како што сега имаме за оцена на влијанието врз животната средина), кои се надминаа веднаш после Баку и во август 2019 општините усвоија Одлуки за мораториум. Овие одлуки, како и усвоениот План за управување со Охридскиот Регион, очигледно не претставуваа(т) никаква пречка за новиот хотел кај ресторанот Парк, новиот хотел кај Биљанини извори, дополнителната урбанизација на Елшани, Трпејца, Коњско, итн. Урбаната и крајбрежната трансформација си продолжува, ама за разлика од претходно сега имаме План за управување со регионот, се си е во согласност со законите и успешно се спроведуваат препораките. – се посочува во анализата.

Во анализата уште се прозива актуелната министерка за култура која е воедно претседател на Националната комисија за УНЕСКО, од која се бара наместо декларативни заложби да ја следи состојбата, да предлага мерки за подобрување на состојбата, да предлага донесување на прописи и да презема мерки за управување со светското природно и културно наследство.

Еко-активистите минатата недела алармираа дека се подготвува изградба на нов хотел во месноста Горица, кај ресторанот и дискотеката на поранешниот хотел „Парк“, во првата зона односно појасот од 50 метри од Охридско Езеро. Посочија дека според Планот за управување со светското природно у културно наследство на Охридскиот Регион е забранета надградба или доградба на постоечките објекти и изградба на нови, но надлежните соопштија дека планот за овој објект и постапките завршиле пред да се усвои овој стратешки документ.

Деновиве веќе започнаа подсготвителни активности на терен. Се заградува локацијата каде е предвидено да се изгради хотел на три ката на местото на постоечките кои се дело на познатиот охридски архитект Павел Балабанов, кој за ова архитектонско решение доби специјално признание на Биеналето на Македонската архитектура во 1989 година.

OhridNews