Охридското езеро треба единствено да се третира како природен екосистем, а не како акомулација за производство на електрична енергија, сметаат охридските еколози кои ги коментираат честите осцилации на нивото на водата во езерото.
– Осцилациите на нивото на Охридското езеро најчесто немаат посериозни ефекти врз еко системот, но во наредниот период секако ќе треба да внимаваме и на човековите активности, бидејќи Охридското езеро, за жал во најголем дел се третира како акомулација за потребите на хидроенергетскиот систем на Македонија и Албанија. Затоа една од компонентите на Дримскиот проект ќе се занимава со капацитетот на Дрим како воден басен во контекст на негово искористување за производство на хидроенергија. Ќе мора и тука да се воспостават ред и правила кои ќе одговараат на актуелната еколошка состојба, вели Дејан Паноски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
На сличен став се и членовите на Еколошкото друштво „Грашница“.
– Се надеваме дека ќе се направи систем кој ќе го регулира нивото на езерото,независно дали тоа ќе се изведе преку изградба на преливен праг на истекот на реката Црн дрим со што нивото би било констатно дефинирано на минимално утврденото ниво. Сепак тоа треба заеднички да го договорат и регулираат македонската и албанската страна. Охридското езеро не треба да се користи како акомулација, туку како природен екосистем, категоричен е Ѓоко Зороски од ЕД „Грашница“.
Нивото на езерската вода во моментов се наоѓа на десеттина сантиметри над природната кота, која изнесува 693,17, што значи благо зголемување на нивото на водата , во споредба со истиот период минатата година, кога езерското ниво беше околу 20 сантиметри над максимално дозволената кота од 693,75 метри.
Т.К.













