Масовни отпуштања од работа, прогласување технолошки вишок, упатување на привремен принуден одмор и неземање редовна плата. И по толку години и векови напорна борба за остварување на работничките права, за жал, и овој Први Мај ја имаме болната реалност која илјадници семејства фрла во беда и сиромаштија.


Економската криза си го направи своето. Синдикалците годинава отстапуваат од традиционалните првомајски протести, како што велат, од финансиски причини.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија ја продолжуваат битката за работничките права.

„Нашите основни цели се колективното преговарање и договарање, развој и зацврстување на синдикалното движење во Македонија, остварување на работничките права и подобрување на економско-социјалната положба за која во многу наврати укажувавме дека се влошува “, вели претседателот на регионалната синдикална организација,Драган Цветаноски.

Тој додава дека поголемиот дел од колективните договори се веќе потпишани, без разлика  дали се гранкови или се на ниво на работодавецот.

„Идните заложби ќе бидат и во доменот на функционирањето на трипартитниот систем- ССМ-Стопанска комора- Влада. Сметаме дека без овој систем нема  развој во државава“, објаснува Цветаноски.

Во Македонија, како резултат на глобаната економска криза, без работа останаа повеќе од 20 илјади работници, а ни малку розова не е состојбата  во Охрид.

А.Р.