По информацијата на Јавното обвинителство лиферувана денеска, дека против поранешен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство – Охрид, е покренато обвинение за несовесно работење заради наводно несооодветно постапување во 14 предмети кои застареле, со реакција на социјалните мрежи се јави екс обвинителот Војо Димоски. Тој смета дека се работи за нарачан и политички мотивиран прогон кон него, посочувајќи дека не се плаши и оти јавноста целосно ќе ја информира за сите аспекти од случајот.
Со оглед дека последните речиси две години, заканите кои ги добивав од различни центри се однесуваа на мојот физички интегритет, морам да признам дека ми е задоволство што Јовески решил со мене да се пресмета на ваков начин. Без оглед каква е состојбата во правосудството, судницата сепак е мој терен, а околноста дека некој во сопствената интелектуална и стручна немоќ зел да ја злоупотребува позицијата за пресметка со неистомисленици, најмалку зборува за мене. И покрај непријатностите и околноста што е надвор од етиката и од законот лиферувањето на вакви информации, ми претставува задоволство што самата дебата се преместува на терен на јавноста. Очекувајте целосно да ве информирам за текот на нарачаниот и политички мотивиран прогон кон мене и при тоа со задоволство да ги разобличам нарачателите на истиот. – напиша на Фејсбук Војо Димоски.
Постапката во предметот со екс обвинителот Димоски ја води Основното јавно обвинителство Струга, бидејќи Основното јавно обвинителство Охрид побарало изземање.
OhridNews











