Охрид стана дел од туристичките аранжмани кои ги нудат неколку ексклузивни туроператори за 2015 година. Најчесто тој е дел од понудата за балкански тури, во кои Македонија најчесто се нуди во туристички пакет со Косово и Албанија.
Еден од најстарите американски туроператори „Кutrubes Travel“ од Бостон го нуди Охрид во рамки на балканските тури, но и во рамки на посебно- креираната понуда „Macedonia Culinary Tour“. Тоа е 12-дневен аранжман чија основа е македонската традиционална храна и вино, а освен Охрид вклучува и неколку други македонски градови.
Охрид се најде и во понудата на еден од најстарите туроператори од Велика Британија, „Еxsplore“ кој ја нуди Македонија во рамки на 14-дневен аранжман за 2015 година заедно со Албанија. Овој аранжман на веб страницата на туроператорот стои со предзнакот „Best seller“ или најдобро продаван.
Охрид е дел од понудата и на познатиот туроператор „Peregrine“ кој има седишта и во Европа и Австралија. Овој туроператор го нуди Охрид во рамки на 10-дневниот аранжман „Открите ги Албанија и Македонија” за 2015 година, за кого има 10% попуст за рана уплата.
Охридските туристички работници велат дека тоа што Охрид од година во година се почесто станува дел од понудата на ексклузивните тур оператори, дава надеж за зголемување на бројот на странски туристи.
-Многу е добро тоа што Охрид се нуди на нови пазари како дел од балканските тури. Ние сме мало место и реално туристите кои сакаат авантури, тука им се доволни 3 или максимум 4 дена, за да видат се што е потребно, значи не може да очекуваме туристи од таков вид да сакаат да престојуваат во Охрид 10 или 15 дена. Зголемувањето на понудите за Балкански тури во кои е застапен и Охрид ќе значи многу за промоција на градот како туристичко место што ќе резултира и со зголемување на бројот на туристи, велат од охридските туристички агенции кои работат ин-каминг туризам.
Според нив, тоа што Македонија веќе континуирано е дел од туристичката понуда во Холандија и Белгија и е добар пример за развој на сличен туристички пазар во уште неколку европски земји.
Е.М