Во хотелот Метропол, Охрид од 18 до 21 октомври 2012 година ќе се одржи „Глобалниот Инвестициски Самит за Македонија 2012“ прв и единствен настан од ваков вид  во нашата држава во организација на Македонија 2025.

Македонија 2025 е невладина организација формирана од македонската бизнис дијаспора, која е посветена на создавање на просперитетна бизнис клима во Македонија. Главната цел на овој настан е поставување на платформа за стимулирање на економската соработка меѓу македонските компании и бизнис професионалците од дијаспората. Поради големиот интерес за учество на Самитот рокот за регистрација е продолжен до 1-ви Октомври 2012. 

Пред македонската бизнис елита и бизнис претставниците од дијаспората ќе се обрати Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, а свое обраќање ќе има и Претседателот на Владата, Никола Груевски. Економските перспективи на земјата ќе ги претстават членовите на владиниот економски тим: Владимир Пешевски – заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања,  Веле Самак – Министер за странски инвестиции, како и претставници на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Дирекцијата за технолошки развојни зони.

На учесниците на самитот ќе им се обратат над 30 бизнис лидери, светски експерти од различни области, меѓу кои врвни менаџери на Nokia Siemens, Blackstone Group, Reiffeisen Bank, Credit Suisse и канадската Mobilicity кои ќе дискутираат за: глобалните економско-политички перспективи, условите за водење бизнис во Македонија, инвестициската клима во Македонија и.т.н..

„Постојат два многу важни сегмента во економскиот развој. Еден е да се привлечат и да се задржат странските инвеститори, а вториот е да се изгради конкурентска атмосфера на иновации, во која претприемачите ќе бидат способни да напредуваат и да бидат успешни. Наша цел е да помогнеме на двата фронта„ – изјави Џон И. Битов, член на одборот на директори на Македонија 2025 и еден од главните акционери во најголемата канадска еквити компанија „Обелиск“ во интервју за „Граѓански“ магазин.

На самитот учество ќе земат и претставниците на Van Hool – Белгија, Johnson Matthey – Обединето Кралство, Soravia Group – Австрија, SEAF – Холандија, Societe Generale Group – Франција,  Deutsche Telekom Group -Германија и др.

OhridNews