Претставници на охридските хотелско-угостителски објекти, локалната самоуправа како и професори од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, на денешниот работен состанок во ново-отвореното бифе при оваа високообразовна институција, имаа можност на лице место да се уверат во кулинарските способности на студентите кои им подговија заедничкиот доручек.

Како што потенцира проф. д-р Ангела Василевска, денешниот неформален разговор со претставниците на менаџерите од големите угостителски објекти и ТЛЕР, следи по минатонеделната тркалезна маса, на која се донесени значајни заклучоци кои во идниот период би требало да го подобрат овој сектор.

На некој начин, ова беше работен доручек, на кој претставници на ТЛЕР, заедно со менаџерите од големите угостителски обкјекти од нашата ривиера, ќе продискутираме околу тоа кои идни активности треба да се преземат за подобрување на овој сектор. Фактички, преку овој доручек сите можат да видат што навистина нашите студенти подготвуваат и колку е тоа вкусно. Сакам да изразам огромна благодарност до г-ѓа Олга Илоска, која несебично го поддршка реновирањето на ова бифе, кое 13 години беше во катастрофална состојба. Направивме едукативен центар кој ќе биде добро организирам и ќе произведува добри кадри. Секој понделеник, нашиот ментор ќе има група на студенти кои покрај стандардното мени, ќе подготвуваат оптимално избалансиран оброк.“ – потеницра Василевска.

Во новоотвореното факултетско бифе, студентите имаат ретка можност да се едуцираат околу подготовката на луксузни јадења, односно на храна која потекнува од различни краеви на светот.

Во нашето мени покрај стандардната понуда, ставивме и многу поиновативни и луксузни јадења. Целта ни беше да ги едуцираме студентите, кои сега имаат можност да ја подготвуваат оваа храна. За во иднина се подготвуваме да понудиме и кетеринг услуги, но и слаткарски специјалитети.“ – додава Василевска.

Деканот при ФТУ-Охрид, проф. д-р Сашо Коруноски, истакна дека вратите на оваа високообразовна институција се отворени за секакви иновации и сугестии кои ќе ги предложат хотелско-угостелските објекти и локалната самоуправа.

Како декан, навистина немам зборови да опишам дека вашето присуство тука е повеќекратно корисно. Штом сте тука, давате гаранција дека студентите што имаме чест да ги едуцираме, ќе најдат отворени врати кај вас. Се разбира, тука се и новите ветришта во општината кои се поволни и дуваат во нашите едра. Сигурен сум дека Охрид го чекаат подобри времиња, како во турузмот така и во неговиот развој.“ – истакна Коруноски.

Во името на градоначалникот на Охрид, се обрати раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов, кој потеницира дека постои силна доверба и соработка помеѓу локалната самоуправа и Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.

Соработуваме на многу полиња, а јас до сега неколкупати сум потенцирал дека веќе имаме и заеднички проекти, како што е аплицирање за ИПА фондовите, за кои активно лобираме да ги добеме. Во секој случај, голема е честа да се соработува со оваа институција, која од аспект на туризмот, нас ни дава огромна помош и поддршка. Во тек сме на изработка на една заедничка евалуација за летната туристичка сезона. Со заеднички сили ќе успееме сите оние негативни работи кои се детектирани на терен да ги ставиме на дневен ред, односно да работиме на нивно подобрување, а се разбира сите позитивности да ги унапредиме.“ – потеницира Апостолов.

Претставниците на хотелско угостителскиот сектор, изразија задоволство од иницијативата на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид. Генералниот менаџер на х. „Белведере“ Лилјана Василеска истакна дека е добро што студентите ќе имаат можност да се стекнат со искуство и знаења токму во овој објект, спојувајќи ги на еден начин теоријата и праксата потребна во целокупниот образовен процес.

Инаку, новото бифе при Факултетот за туризам и угостителство од Охрид е отворено за сите кои покрај стандардната храна, сакаат да пробаат екслузивни специјалитети подготвени од студентите на оваа високообразовна институција по пристапни цени.

О.Т.