Изградбата на марина во Студенчишкото блато, претставува голема грешка, бидејќи единствениот преостанат блатен дел од Охридското Езеро, доколку не се ревитализира и заштити, од природен филтер и живеалиште на многу видови флора и фауна, ќе стане еден од најголемите загадувачи на езерото, предупредуваат експертите.

– Навлегувањето на езерска вода во овој дел, односно ископување и директоен контакт на големи површини ќе предизвика многу големи промени во самиот езерски еко системот, затоа што тука имаме 3-4 метри тресетиште кое што е кисело и ќе направи окиселување на самото крајбрежје на Охридското Езеро.-вели Д-р Трајче Талевски – раководител на одделението за ципринидна фауна во Хидробиолошкиот завод во Охрид.


Д-р Трајче Талевски

 Талески посочува дека марина никаде не се гради на копно, туку тоа се прави во вода.

Најновата марина во Тиват „Портомонтенегро“ не зазема простор од копно. Има канцеларија на марината и сето друго е правено во море. Јас не знам зашто треба да се ископа нешто, да се освои земјиште, за да се направи пристап за бродови кои и ги нема нешто многу во Охрид. – рече Талевски.

Според него не држат образложенијата на надлежните дека Студенчипкото блато е затрупано со отпад и оти не може тој да се отстрани. Пример за тоа е проектот реализиран пред шест години со кој беше уреден мал дел од блатото од каде беа отстранети тони најразличен отпад, по што природната вегетација се обнови, рече Талевски.


Студенчишко блато

Според Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, негирањето на постоењето и значењето на Студенчичкото блато е негирање на Охридското Езеро.

-Потребен е сосема поинаков пристап кон оние 25 хектари кои што се под блатна површина согласно изработената студија да се заштитат, ревитализираат и да се стават во функција како на екосистемот, така и на новата туристичка понуда што може да ја има Охрид.-смета Пановски.

Тој потврди дека проект за заштита на Студенчишко блато вреден 99.000 евра, нема да се реализира, бидејќи германскиот донаторот ги повлекол средствата од Охрид, поради измена на плановите за блатото.

Со оглед на тоа што не е донесена одлука кој дел на блатото да биде под строга заштита и каде може да се имплементира проектот, истиот нема да се ефектиуира. Средствата се вратени назад и ќе се искористат за некоја друга блатна површина во рамки на Дримскиот басен на Преспанско, Охридско или Скадарско Езеро.-рече Пановски.


Дејан Пановски

Претходната локална самоуправа изработи студија за ревитализација на остатокот од Студенчишко блато која беше едногласно поддржана од градскиот совет, а пред две години помпезно беше промовиран и проект за заштита на блатото, но од тоа сега нема ништо, реагира локалната опозција.

-Не би сакал да мислам дека единствена причина поради која е повлечен овој проект е урбанизација на Блатото. Изработена беше студија, која ја изгласа советот и опозицијата и позицијата и се сосгласивме дека заштитата на остатокот од Стиуденчишкото блато е неопходност. Бевме убедувани дека Студенчишкото блато е природен филтер на Охридското Езеро и дека треба по секоја цена најмалку во наведените димензии да биде заштитено, за сега сето тоа да застане затоа што со промената на локалната власт веројатно се променија и приоритетите или желбите или интересите. Непростливо е доделени средства да се изгубат затоа што градските власти не знаат на што се, сакаат да го заштитат блатото или не сакаат, сакаат да го урбанизираат или не сакаат да урбанизираат. –изјави Томислав Тунтев од СДСМ.


Томислав Тунтев

Локалната самоуправа ги отфрла обвинувањата, посочувајќи дека Студенчишкото блато со децении се уништува и претвора во депонија и денес од него речиси не е останато ништо што наликува на одржлив природен систем. Оттаму псочуваат дека со измените на ГУП-от општината остава простор помал дел од блатото да се ревитализира доколку се обезбедат потребните средства, за што мислење било побарано од меѓународен експерт за екологија.

-Трудејќи се да ја избегнат одговорноста, СДСМ сега се јавува со наводна грижа за Студенчишкото блато, која не е основана. Таму освен градежен шут од поранешната библиотека и останатите градежни елементи кои не им требаа при градењето, нема да најдеме ништо. Нема ниту природен свет, туку напротив тоа е место кое моментално го нагрдува градот. Со помош на многу експерти, со помош на Министерството за транспорт и врски, се обидуваме да најдеме најсоодветно решение за тоа место. – изјави вчера секретарот на општина Охрид Димитар Спасески, истакнувајќи дека најавата на градоначалникот Бакрачески за изградба на марина е одлична можност за урбанизација на овој простор.


Димитар Спасески

Според најавите, на просторот од каналот Студенчишта до Горица ќе се формира туристичка развојна зона, каде покрај марина ќе бидат изградени модерни хотели со пропратни содржини. Проектот ќе биде реализиран по пат на јавно приватно партнерство, за што ќе биде искористено земјиштето кај Студенчишкото блато кое не е урбанизирано

Г.М.