Македонија е безбедна и ние како институција ја следиме безбедносната состојба во регионот и пошироко, ги следиме настаните во Сирија, но и можноста за нов бран на бегалци и развиваме соодветни стратегии како да се однесуваме доколку нешто се случи, изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски кој учествува на НАТО напредната школа што се одржува во Охрид, на тема „Борба против активностите на ИСИС за радикализација преку сајбер-просторот во регионот на Југоисточна Европа“.

– ИСИС во последниве неколку месеци трпи загуби на военото поле, но тоа не значи дека не треба да се продолжи да се следи оваа ситуација и институциите да можат содветно да реагираат. И понатаму работиме на развој на мерки за справување со вакви предизвици, рече Јолевски кој потенцира дека конференцијата е мошне значајна бидејќи експерите од Македонија имаат можност да се стекнат со најдобри знаења од оваа област.

Според Златорог Минчев, експерт од Бугарија, глобалните трендови во однос на употребата на сајбер-просторот и технологиите од страна на ИСИС и градењето на регионална соработка помеѓу учесниците од НАТО и земјите од Партнерството за мир, се прашања кои се особено значајни за регионот, особено поради актуелните случувања во светот.

– Може да се види дека доаѓа нов бран од мигранти. Не можам да споделам детали околу тоа, но има некои најави од Ердоган дека може да се случи да ги отворат вратите и тие да дојдат тука. За среќа нашите земји се само транзитни земји, сепак треба да сме подготвени, рече Минчев.   

Работилницата во Охрид се реализира во ко-организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и Бугарската академија на науките. Учествуваат над 45 претставници од безбедносниот сектор од Македонија, Бугарија, Албанија, Босна и Херцеговина, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора, но и од САД, Турција, Италија и Израел.

OhridNews