Дваесет и пет лица  се повредени, од кои четворица сериозно, кога експлозија уништи станбена зграда во западниот германски град Вупертал. Инцидентот се случил синоќа пред полноќ, во висококатница, а истрагата за причината за експлозијата е во тек.

Пожарникарите и денеска го гаснат огнот. Неколку мали пожари избувнале внатре во зградата, а пожарникарите, освен на огнот, мора да внимаваат и на тоа што делови од зградата постојано се уриваат.

Експлозијата се случила во повеќекатницата пред полноќ, со големо треесење, а луѓето од блиските згради истрчале на улица во паника. Детонацијата била толку силна што го уништила поткровјето на зградата и првите три спрата, објави германската новинска агенција ДПА. Оган избувнал во неколку различни делови од зградата, а пожарникарите имале проблеми со пламенот, бидејќи делови од зградата постојано се уривале. Тие успеале да спасат четири тешко повредени лица од внатрешноста на зградата и да ги однесат во болница.

Еден автомобил во близина е уништен, кој останал затрупан под прозорски рамки кои биле разнесени врз него од експлозијата. Полицијата не сака да коментира на прашањето дали експлозијата би можела да биде поврзана со тероризам.