Еквадорскиот фудбалски репрезентативец Кристијан Бенитез почина на возраст од само 27 години, објави неговиот клуб, катарски Ел Џаиш, без да ја наведе причината за смртта, пренесува „Макфакс“.

„Сакаме да изразиме искрено сочувство до семејството на починатиот фудбалер. Тој вчера за првпат настапи за нашиот клуб и не се пожали на никакви здравствени проблеми. Неговото ненадејно заминување е голем шок за сите во клубот“, објави Ел Џаиш.

BBC пак повикувајќи се на Фудбалската федерација на Еквадор пренесе дека Бенитез починал од срцев удар. Непосредно по неговото деби за катарскиот клуб тој се пожалил на болки во стомакот, по што бил пренесен во болница. Неколку часови подоцна неговото срце престанало да чука.

Бенитез потпиша договор со клубот од Катар пред три недели.

Бенитез за репрезентацијата на Еквадор одигра 58 натпревари.

OhridNews
извор:„Макфакс“/BBC