Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Чоло Симеоне, не е изненаден од интересот на Челзи за неговиот напаѓач Диего Коста. Весникот „As“, неодамна објави дека Челзи е подготвен за Диего Коста да плати сума од 60 милиони евра, а Симеоне изјавил дека нема да го спречи напаѓачот доколку тој реши да го напушти клубот.

Менаџерот на Челзи, Жозе Мурињо, неодамна јавно кажа дека не е задоволен од играта на нeговите напаѓачи, пред сè од Фернадо Торес.
„Нормално е што Челзи се интересира за Диего Коста, тој за нас претставува и голем економски потенцијал. Самјуел Ето е веќе во години, а Челзи смета дека Коста е вистинскиот играч за нив. Сепак, во моментов тој е играч на Атлетико“, рекол Чоло Симеоне.
Според прогнозите Фернандо Торес од Челзи ќе се пресели во Атлетико, клуб во кој ја започна кариерата и од каде замина во Премиер лигата. Интерес за Торес покажува и Интер.
Диего Коста, кој неодамна дебитираше за шпанската репрезентација, во досегашниот дел од сезоната на 45 натпревари постигна 34 голови.
„Макфакс“











