Кошаркарите на Фенербахче Улкер и теоретски ги загубија шансите за пласман меѓу најдобрите осум екипи во Евролигата. Во 13.коло во Е групата Лаборал Куча го декласира Фенербахче со 95:73.

Шпанскиот тим, до победата на опонентот стигна со одлична игра во втората и третата четвртина, кога создаде предност од 22 поени.

Шестмина кошаркари на Лаборал Куча натпреварот го завршија со двоцифрен број на поени: Плајс (15 поени, 10 скокови), Носиони (15 поени), Хертел (14 поени, 10 асистенции), Сан Еметерио (14 поени), Хамилтон (11 поени), Ханга (10 поени).

Македонскиот репрезентативец Лестер Бо Мекејлеб, заедно со Бојан Богдановиќ беа единствените светли точки во тимот на Фенербахче. Мекејлеб натпреварот го заврши со 19 поени, еден скок, три асистенции, две украдени топки.

Во пресрет на последното коло Фенербахче има скор од пет победи и осум порази, додека Лаборал Куча ја забележа четвртата победа.

Во вториот натпревар од групата Панатинаикос ја совлада Уникаха со 69:60. Панатинаикос со оваа победа си обезбеди место во четвртфиналето.

 

„Макфакс“