Електричните столбови на делницата Охрид  – Св. Стефан, кои за потребите на НАТО форумот пред 4 години набрзина беа поставени преблиску до коловозот, треба најитно да се дислоцираат. Ова го бараат и Локалната самоуправа и сообраќајната полиција по бројните несреќи што се случија на овој патен правец, во кои неколку млади луѓе го загубија животот а повеќемина беа тешко повредени.

-Изготвени се предлог мерки кои се испратени до Агенцијата за патишта, а се однесуваат на дислоцирање на електричните столбови од самата коловозна лента. Доставивме уште неколку предлози и се надеваме дека тие ќе бидат прифатени и оваа наша иницијатива ќе се ефектуира, а се со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.-истакна портпарлолот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Според Зоран Шикалески, одговорен за сообраќај во општина Охрид, светилките поставени на патниот правец Охрид -Св.Стефан не само што претставуваат сериозна опасност за учесниците во сообраќајот, туку и не функционираат.

– Под итно треба светилките да се постават во зелениот појас од внатрешната страна каде што има заштитни браници. Се додека состојбата е ваква каква што е ќе имаме трагични случаи, а треба да се нагласи и тоа дека во меѓувреме оштетени се можеби повеќе од половината светилки и никој не рагира. Истите не се во функција и подобро би било надлежните да ги извадат, вели Шикалески.

Делницата од Охрид до населбата Свети Стефан, која е дел од регионалниот пат кон граничниот премин Свети Наум,  беше проширена кон крајот на минатата деценија, но и покрај тоа што тука се одвива еднонасочен сообраќај, поради лошата прегледност и слабата сигнализација таа сеуште претставува црна точка, предупредуваат стручните лица. На овој фрекфентен патен правец кој е главна сообраќајна артерија во туристичката сезона во Охрид не се изградени безбедни патеки за пешаците и велосипедистите кои често се движат по коловозот заедно со автомобилите, а недостига и соодветна сигнализација.

-Целината на оваа делница мора да се обезбеди, сега во моментов ја нема, имаме само проток на сообраќај и вертикална сигнализација која не е доволна. Треба информирање на граѓаните со дополнителни информации за одредена состојба на некои места каде што може да дојде до загрозување на безбедноста.-посочува Љупчо Милкоски, аналитичар за безбедност во сообраќајот.

Милкоски смета дека е време да се изготви нова Сообраќајна студија за Охрид која ќе одговара на современите потреби и во која посебен дел ќе биде посветен на патниот правец Охрид – Св. Наум, што е од исклучително значење како за подобрување на безбедноста на учесниците во сообраќајот, така и за развој на туризмот.

Г.М.