Од Агенцијата за катастар на недвижности денес ја претставија новата надградба на електронскиот шалтер со која се овозможува професионалниот корисник по електронски пат да изврши дополнување на поднесените барања. Дополнувањето може да се изврши во случај кога професионалниот корисник направил техничка грешка при доставување на предметот по електронски пат; професионалниот корисник направил технички грешки во исправите, односно документите кои се правен основ за промена во катастарот (пример: технички грешки во договори, пресуди, наследни решенија итн.); кога професионалниот корисник направил  технички грешки  во описните податоци содржани во геодетскиот елаборат и кога професионалниот корисник извршил недоволна уплата на надоместокот.

Новата функционалност на електронскиот шалтер функционира на начин што при решавање на предметот, службеното лице од Катастарот е должно по електронски пат да го извести професионалниот корисник со точно наведување на техничките грешки во поднесеното барање, информира директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.

По приемот на електронското известување, професионалниот корисник е должен во рок од 24 часа по електронски пат да ги отстрани техничките грешки на начин што ќе достави коригирани електронски документи, односно ќе изврши доплата на помалку уплатениот надоместок преку виртуелниот пос терминал на електронскиот шалтер.
Од агенцијата очекуваат новата функционалност да овозможи намалување на сегашните одбиени предмети од Катастарот од 2,3 % до под 1 % одбиени предмети од страна на Катастарот, намалување на трошоците на професионалните корисници за поднесување нови барања, како и зголемување на довербата и правната сигурност меѓу Катастарот и професионалните корисници.

OhridNews