Повеќе нема да се испушта вода во големи количини од Охридското Езеро за производство на електрична енергија, изјави денеска во Охрид генералниот директор на ЕЛЕМ Драган Миновски. Тој рече дека во претстојната грејна сезона не се очекуваат проблеми во производството на електрична енергија, посочувајќи дека ремонтот во РЕК Битола ќе биде завршен до ноември кога во функција ќе бидат сите три блока. За сметка на тоа нема да биде зголемено испуштањето на Охридското Езеро за производство на електрична енергија, уверуваат од компанијата.
– Охридското Езеро го држиме на оптимално ниво. Електраните Глобочица и Шпилје во моментов работат согласно планот, меѓутоа минимално во однос на другите хидро капацитети намален капацитет бидејќи сакаме да го држиме Охридското Езеро на општималното ниво. Знаеме дека годината беше сушна, дотоците се многу мали, не сакаме дополнително да влијаеме на намалување на нивото на Езерото. – истакна Миновски.
Драган Миновски – ЕЛЕМ
Првиот човек на ЕЛЕМ информираше дека работна група работи на ревизија на минималната кота од 693,17 метри надморска висинана Охридското Езеро утврдена пред повеќе од 60 години, што треба да придонесе да се избегнат големи осцилации на езерото заради производство на електрична енергија, што негативно се одразува како на живиот свет така и на градбите во крајбрежјето.
Според утринските мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, нивото на Охридското Езеро е 4 сантиметри над минималната кота, односно 12 сантиметри под просекот за месец септември.
OhridNews













