АД ЕЛЕМ ги отфрла обвинувањата на партијата ВМРО ДПМНЕ која ја обвини државната компанија за неодговорно работење со што придонела за зголемување на нивото на Охридското Езеро и штетите кои тоа ги направи.

-Сакаме да нагласиме дека во текот на минатиот викенд, поради невремето, ветерот од 90км на час и високите бранови, водата прели на крајбрежјето на Охрид и околината. Водата стигна на крајбрежјето поради брановите, а не поради разликата во сантиметри во нивото на езерото. Два дена претходно, генералниот директор во изјава за медиумите, од Охрид предупреди на очекуваната појава на високи бранови и ветер и на можни последиците од тоа. Раководството на АД ЕЛЕМ во тој период беше Охрид, во увид на терен на состојбата со нивото на езерото и на другите акумулации. Притоа, беше соопштено и дека се формирани работни групи меѓу ЕЛЕМ и општината за преземања заеднички мерки за максимално управување со состојбата. – соопшти ЕЛЕМ.

Во врска со тврдењето дека просторот во акумулацијата во Дебарското езеро е повеќе од доволен да го прифати целиот вишок на вода од Охридското Езеро, Тони Маркоски, раководител на производство во подружница ХЕС Црн Дрим, истакна дека презентираниот податок е нерелевантен, додавајќи дека еден и пол месец се испушта максимално количество на вода од Глобочичко езеро, преку турбините во ХЕ Глобочица.

-Дебарското Езеро во февруари и почетокот на март, и покрај максималниот доток во ХЕ Глобочица, беше на оптимална (просечна) вредност, што е одлична подготовка за да ги прими очекуваните приливи на вода. Истото се одржува со 24 часовна работа на турбините во ХЕ Шпилје. Котата на Дебарско езеро денес-21.03.2018год. изнесува 573,81мнв и е повисока 5м во однос на просекот за овој датум. Во наредниот период оваа акумулација ќе се наполни до максимум со дотокот на реката Радика и водата што доаѓа од Охридското езеро преку турбините на ХЕ Глобочица. Минатите месеци се карактеризираа со големи дотоци при што состојбата се менаџира максимално одговорно за да не се надмине максималната кота на Охридското Езеро од 694мнв која е одобрена со водостопанската дозвола. Да наведеме дека оваа вредност е надмината при појава на слични дотеци во 2010 и 2013год. Се прави максимум за да не се направи штета ниту на граѓаните на Охрид, ниту на граѓаните на Струга, ниту на жителите на населените места околу акумулациите Шпилје и Глобочица”.- рече Маркоски.

OhridNews