На 1108 метри надморска височина, на половина час пешачење над селото Елшани, вчера, во месноста Палајца, беше  возобновен и осветен параклисот на црквата Свето Богојавление.


Пред  присутните верници  богослужеше парохискиот свештеник Атанас Казанџиски кој  по чиноначалствувањето укажа  на  потребата од единство во верата и на верба во единствениот праведен божји пат  на кој се среќаваме со радоста и духовната чистота и духовното просветлување: ”Еден таков чин е и градењето на црквите, а црквата тоа е народот, тоа се луѓето кои ја полнат  со своето присуство и кои со Бога во себе  градејќи црква, ја градат  светлата иднина и  се изградуваат себеси како здрави и силни позитивни личности  полни со доблесни особини.”-беше истакнато на богослужбата.


На осветувањето  на параклисот Свето Богојавление присуствуваа повеќе од стотина  верници од Елшани, меѓу кои и членовите на семејството Трајаноски кои се и ктитори на овој христијански православен храм, еден од  повеќето кои се наоѓаат во атарот на селото Елшани. Меѓу присутните имаше и верници од Пештани.


Во името на ктиторот, сите  присутни  беа поканети на трпезата крај параклисот и беа  почестени со сендвичи и пијалок. Инаку, просторот околу  параклисот на Свето Богојавление од страна на ктиторите е преуреден во  убаво и примамливо излетничко место кое сигурнои ќе привлече многу верници и љубители на природните убавини да го посетат овој  мал христијански храм и  оттука да уживаат во глетката пред која се протега Елшани и крајбрежието на Охридското Езеро.


Погледот од светото место над Елшани

OhridNews
фото:Дим Дон