Европската агенција за лекови (ЕМА) соопшти дека ги проценува податоците за третата или засилувачка доза на вакцината Фајзер/Бионтек против Ковид-19, која се дава шест месеци по втората доза кај луѓе над 16 години. Во врска со барањето на Бионтек, ЕМА објави дека ќе направи брза проценка на податоците, а резултатот се очекува „во следните неколку недели“.

Американската компанија Модерна во петокот соопшти дека побарала условно одобрување од ЕМА за давање на вакцината против коронавирус во доза од 50 микрограми. Во соопштението на Модерна се вели дека одговорот на ЕМА се очекува во разумен рок.

Модерна и Фајзер вакцините со две дози се засноваат на нова мРНА технологија. ЕМА, исто така, соопшти дека ги оценува податоците за употреба на дополнителни дози на мРНА вакцини кај луѓе со слаб имунолошки систем. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) минатата недела соопшти дека нема итна потреба од засилувачки вакцини против Ковид-19 кај луѓе кои се целосно вакцинирани.

САД се подготвуваат да воведат засилувачки дози, откако американскиот експерт за заразни болести Ентони Фаучи во неделата рече дека најверојатно официјалните претставници наскоро ќе добијат регулаторни дозволи за засилувачка доза на вакцината Фајзер.

OhridNews