Утре на Факултетот за туризам и угостителство Охрид на покана на доц. д-р Климент Наумов и Момчило Цониќ од Лесковац кој е докторант на факултетот и предавач, во соработка со македонската асоцијација на шефови на кујни Гастромак, ќе гостуваат еминентни експерти од областа на гастрономијата и тоа Стево Карапанџа, Вуко Митровиќ, Томаж Возељ, Жељко Невен Бремец и Ѓорѓе Костиќ.

Жељко Бремец ќе одржи мастер клас со почеток од 8:30 часот за студентите од насоката гастрономија и дел од шефовите на кујни од охридската ривиера кои се одзваа на поканата да го следат овој настан. Стево Карапанџа ќе одржи мотивационен говор за тоа што значи да се биде успешен готвач и шеф, со посебен акцент на предизвиците со кои угостителството се соочува во денешницата. Томаж Возељ исто така ќе се претстави со свое предавање од областа на модерната кујна, информира Наумов.

Присутните ќе ги поздрават, Ректорот на универзитетот ,,Св. Климент Охридски” Битола проф.д-р Сашо Коруновски, деканот на Факултетот за туризам и угостителство Охрид Проф.д-р Цветко Андреески и продеканот за настава на ФТУ Охрид проф.д-р Александар Трајков.

Гостите се на патување низ Македонија во организација на Гастромак, чиј извршен директор е познатата медиумска личност Адријана Алачки, водител на забавната емисија од областа на традиционалното готварство ,,Вкусот на традицијата”.

OhridNews