Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска, ќе се обрати на свеченото отворање на Школата за млади лидери, што по негова иницијатива по петти пат ќе се одржи во Охрид од 19 до 28 август.

На свеченото отворање предвидено е обраќање на  Борис Тадиќ, поранешен претседател на Република Србија, на Доналд Мередит, сенатор во Парламентот на Канада, на  Ксиао Минг, заменик-претседател на телекомукациската компанија ЗТЕ, задолжен за Европа и на д-р Зоран Илиевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Школата за млади лидери се одржува по лична идеја на претседателот Иванов. Школата е воспоставена по неговото стапување на функцијата Претседател на Република Македонија и се одржува на годишна основа. Досега се организирани четири интензивни тренинзи за лидерство – во 2010, 2011 и 2012 и 2013 година. Идејата на претседателот Иванов е да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Програмата на Школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

На годинешната школа гостуваат вкупно 20 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции, кои ќе ги пренесат своите искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на обуката.

OhridNews