16-тата Меѓународна научна конференција за услужниот сектор INSCOSES 2022 се одржува на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Целта на Конференцијата е да се поттикнат отворени дискусии помеѓу експерти, практичари, истражувачи, научници и академски кругови за различни аспекти на развојот на услужниот сектор.
Фокусот на Конференцијата се услужните дејности, туризмот, угостителство, осигурувањето, царина и шпедиција и финансиски услуги. Гости има од регионот, но и од САД и Европа, како Франција и Белгија. Пленарен предавач е проф. Роб Дејвидсон, една личност која е позната во светски рамки на полето на индустријата за организирање конференции, средби и настани, кој во светски рамки е еден огромен бизнис, а кој е како комплементарен дел на туризмот, но и на бизнис секторот, рече доц. д-р Климент Наумов од ФТУ, пред почетокот на Конференцијата.
Деканот на Факултетот за туризам и угостителство, Цветко Андреески на отворањето на Конференцијата пред присутните учесници и гости истакна дека продолжува 30 годишната традиција со оглед дека Конференцијата се одржува на секои две години.
Денес имаме две сесии во рамки на конференцијата. Околу 40 трудови ќе бидат презентирани, а сите поминале преку процесот на селекција. Ќе имаме можност да ја слушнеме нивната методологија, анализите и резултатите, како и можноста за поставување прашања, за да видеме како работеле и стигнале до овие резултати. Но, најважно е што може да се сретнеме, да комуницираме во иднина, да направиме мрежа за комуникација со колегите за да аплицираме заедно на некоја конференција или да работиме на некој заеднички проект во иднина, рече Андреески.
Со одбирањето на Охрид како место за одржување на конференциите се потврдува стратешка определба за развој на научниот туризам, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Импозантниот број на учесници од 20 европски земји и еминентните предавачи од областа на туризмот и осигурувањето доволно говорат за тежината на овој настан со светско реноме. Туризмот е нашата стопанска гранка која целиме секогаш да ја усовршуваме и надополнуваме затоа што сме еден од најголемите туристички центри во државава и регионов. Научните сознанија се најмоќното оружје кое може да го промени Светот на подобро и токму затоа јас верувам дека овој настан на кој ќе се разменуваат ставови и искуства за туризмот и осигурувањето ќе бидат применети и во нашава високообразовна институција каде денес се наоѓаме, а подоцна и во пракса, рече градоначалникот Пецаков.
Пеце Николовски, претседател на Сенатот на УКЛО, ја потенцираше важност од Конференцијата во насока на размена на искуства.
Во текот на оваа Конференција многу искуства ќе бидат споделени, многу работи како предизвици, прашања, решенија. Имаме можност да ги споделиме нашите ставови, мислења, визии и перспективите на нашиот Универзитет. Ги едуцираме нашите студенти преку зголемување на знаењето да придонесуваат и да се соочуваат со многу важните предизвици, меѓу нив подобрување на животниот стандард на руралното население, менаџментот на природните ресурси, климатските промени, производството на енергија, човековото здравје, пристапот до интернационалните пазари, безбедна храна во целост, рече Николовски.

Се надевам дека овој настан ќе биде мотивирачки за професионалците да го зголемат нивниот придонес и соработка во секој сегмент од осигурителниот бизнис. Сеуште мислам дека може уште многу да се направи на осигурителниот пазар. Ве охрабрувам да ја употребите оваа можност да ги споделите вашите истражувања и да ги најдете можните решенија, рече Шајноски.
Н.С.Ј.














