Охрид од секогаш бил расадник на извонредни таленти чија работа неретко ги надминува локалните рамки. Еден таков е и младиот музички уметник Мартин Милески, гитарист и композитор. Тој неодамна го промовира деби албумот наречен “Colosseum full of emotions”, кој е составен од осум инструментални нумери.

Со снимање на албумот почнав во 2017 година, а го објавив, прво за странскиот пазар во април 2019 година. Сниман е во студиото на Александар Јосифовски, “Lunar Acoustix”. На албумот исто така се слушаат звуците на Хендрик Зингер и Блаж Ангелков (гостин на една песна) на бас гитара и Мухамед Реџепоски на саксофон. Обвивката е дело на Александар Илиевски. Аранжманите на 7 од песните се дела од самиот продуцент Александар и секако мои, а еден од аранжманите е дело на, прерано починатиот, Андреј Лаброски. – вели Милески.

Сите нумери на овој инструментален албум се само едно огледало на мојот живот, ќе рече Мартин, кој инспирацијата за компонирање на песните ја извлекува од  секојдневните ситуации во животот.

Болката кон моите прерано починати родители, до губење на саканите личности, па се’ до искрените детски насмевки и прегратки, старата и нова љубов, трнливиот пат кон успехот, и сите падови и подеми кои ме довеле до она што денес всушност сум. Сите тие настани ме доведоа до посакуваните тонови за да го искомпонирам моето првенче. Секоја песна раскажува своја приказна низ тонови, накратко, за секоја песна по една реченица за што раскажува истата. – истакнува гитаристот Мартин Милески.

На албумот се поместени темите: “Secrets”, “Colosseum Full of Emotions”, “Song of Love”, “Dance of Butterflies”, “Those green eyes”, “Moments”, “Only the strongest remain” и “Walk on dreams”, која, како што вели Мартин, носи длабока порака во себе – Никогаш не се откажувај од своите сништа и еден ден ќе ги живееш.

Албумот на еден начин претставува биографска приказна, тежок и трнлив пат кој го изодив во минатите неколку години. Го посветувам на моите родители и мојата најголема љубов. Секоја од песните носи своја, уникатна емоција која што успеав да ја пренесам преку нотите на моите синглови. – истакнува Милески.

Роден во живот на тајни и мистерии

што станува море од емоции кои не преплавуваат,

се додека не сретнеш некој кој ќе ти го сруши светот.

И кога мислиш дека се’ е мрачно, го здогледуваш сјајот.

Некој кој ти покажува дека не е се’ така црно

додека тонеш во нејзините очи кои никој не ги знае како ти.

Во многу моменти, овој живот е суров и полн со предизвици,

но продолжуваш да се бориш за своите сништа,

зошто без нив, сме само бледи сенки.

Мартин Милески

Првиот музички албум на Мартин Милески може да го погледнете-слушнете на неговиот You tube канал.

 

OhridNews