Со пригодна свеченост, што се одржа синоќа во предворјето на Св. Софија во Охрид,  градот Охрид го одбележа јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески – доајен на македонската книжевност и творец на современиот македонски јазик.

Настанот беше организиран на иницијатива на Лајонс клубот Лихнидос, по повод 12-от роденден на клубот, во соработка со другите лајонс клубави во градот: Охрид, Десарети и Деница,  Ротари клубот Охрид и волонтерите од Културолошка иницијатива 5 до 12.

Инспиративен вовед во вечерта имаше Проф. Татјана Дурнева, која сеопфатно го презентираше неисцрпното творештво на великанот од Небрегово.

Конески има значаен придонес за кодификацијата на македонскиот литературен јазик, за донесувањето на македонскиот правопис и за изградувањето на литературната норма. – потсети Дурнева, навраќајќи се на импресивната биографија на големиот Конески.

За Конески и книжевната ризница на негови дела кои ги поседува НУ Библиотека „Григор Прличев“ се осврна новинарот и публицист Милчо Јованоски, потенцирајќи дека секое време раѓа нов Сердар.

Пред присутните беше прикажано и кусото интервју на Проф. Д-р Вера Стојческа – Антиќ, во реализација на Градската библиотека,  посветено токму на Конески.

Професорот ми предаваше Историја на македонскиот јазик, а потоа кога бев избрана за асистент на Филолошкиот факултет, станавме и колеги. Најголемото мое задоволство беше кога професорот Конески ми предложи да ја издадеме заеднички книгата „Тиквешкиот зборник“ која што се појави во 1987 година. –  се потсети на соработката со Конески професорката Антиќ.

На настанот беше прикажан и краткиот документарен филм „Поет на мал народ”, кој го портретира охридскиот поет Славе Ѓорго Димоски.

Филмот во режија на охриѓанецот Антонио Вељаноски, се осврнува на значењето на јазикот, кој, како што рече и поетот Димоски, е битот на еден народ.

Единственото нешто што го чува исконот на јазикот е поезијата. –  рече Славе Ѓорго Димоски, посочќувајќи дека јубилејот 100 години од раѓањето на Конески, случајно или не, се случува во времиња кога повторно некои темни облаци се надвиснуваат над Македонија, оспорувајќи ја неговата историја, култура и постоење.

На хуманитарниот аспект на свеченоста се осврна иницијаторот на настанот, Проф. Д-р Зоран Тунтев, еден од основачите на Лајонс клубот Лихнидос, кој и во време на ковид криза успеа да реализира 36 акции, голем дел од нив за поддршка на хероите во бели мантили и здравствените установи во Охрид.

Покрај тоа ЛК Лихнидос изминатата година го одбележа интернационалниот јубилеј 250 години Бетовен, ја помогна изработката на дигиталниот Рибарски алманах, несебично ги помагаше здруженијата за поддршка на лица со аутизам и посебни потреби, но и туризмот преку реализација на заедничкиот проект со винаријата Далвина и АСП ПАК во рамки на која во Охридското Езеро беа спуштени 200 вина кои ќе се ладат на природен начин, го заокружи мега проектот „Охрид градот на светлината“, во рамки на кој изминатите неколку години беа осветлени блиузу 80 значајни објекти во градот и го најави идниот проект „Охрид град на 1000 крстови“.

Покрај редовните хуманитарни и еколошки активности, наша интенција е постојано да оддаваме почит кон најголемите домашни и светски имиња на културата и уметноста. А поголема и позначајна личност од Блаже Конески, во поновата Македонска историја, едноставно не постои. – рече Тунтев.

Хуманизмот беше во фокусот на излагањето и на Гувернерот на Дистрикт 132 Македонија, Весна Пацаноска, која се осврна на мисијата на лајонсите во земјата.

Покрај бројните хуманитарни акции, учествуваме на настани каде се оддава почест на многу познати светски имиња од областа на уметноста и културата. Оттаму чест, задоволство и среќа е што вечерва истовремено одбележуваме 100 години од раѓањето на големиот Конески и  славиме роденден на Лајонс Клубот Лихнидос. – рече гувернерката на Д 132 Македонија.

Настанот беше зачинет со поезија од Блаже Конески и  амбиентална музика, кои во древниот храм Св. Софија звучеа прекрасно.

Свеченоста беше збогатена со извонреден настап на градскиот хор „ Vox Lychnidos“, кој уште еднаш ја покажа високата класа.

Натали Боздоганова/Горан Момироски
Фото: Анамарија Момироска