Луѓето живеат додека се живи нивните дела. Секула Пупиноски зад себе остави голем број песни на кои не потсетија неговите колеги од македонската естрада, на хуманитарниот концерт што  се одржа синоќа во преполниот Центар за култура, со што за момент ја исполнија ја празнината која остана со заминувањето од овој свет на познатиот музички уметник од Охрид.

На концертот што го организираше семејството на Секула Пупиноски со поддршка на Министерството за култура, настапија Ефто Пупиновски, „Дрим Тим“, Дејан Николоски – Чуле, Марјан Коцев, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Зуица Лазова, Елена Велеска,  Ѓоко Танески и Гудачкиот квартет  предводен од концерт мајсторот во МОБ Климент Тодороски. Тие заедно со публиката ги отпеаја популарните рефрени од песните на Секула: „За една Кристина“, Печалбарска“, Се заљубиле мома и момче“, незаборавната „Врати се бела Марие“ и многу други.

Собраните средства од концертот, кој беше исполнет со силни емоции, семејството Пупиноски ќе ги донира за лекување на 10-годишната Тања Трајческа од Охрид.


Семејството Пупиноски им се заблагодари на сите што помогнаа во организацијата на хуманитарниот концерт во сеќавање на Секула Пупиноски.

OhridNews