Најдобриот македонски Counter-Strike тим, ENTiTY, основан од охридски
гејмери, ја прокнижи втората победа во 2012 година и тоа од два турнира.
На турнирот во Косово каде учество зедоа 15 екипи од кои 2 од
Македонија ENTiTY ја продолжи серијата на непоразеност во 2012 година.
Покрај тоа што немаат загубен натпревар, немаат ни загубена мапа односно
рунда.

Интернет кафето каде што се одигра турнирот го носеше и името на самиот
турнир: SelectGameCenter. Се наоѓа во Качаник, град во Косово со 33
илјади жители на околу 37 километри од Скопје. Организацијата беше на
одлично ниво и тимот на ENTiTY беше топло пречекан и испратен по
победата, информираат од македоснкиот гејмерски тим.
Ова не е прв пат ENTiTY да учествува на турнир во Косово и тоа на истото
место и град. Во 2009 година исто така екипата беше гостин во Качаник а
и тогаш беше освоено првото место. Настапот на екипата овој пат беше
проследен со огромна заинтересираност на публиката која во голем број
дојде да го види најдобриот тим и најдобрите играчи на Балканот.

ENTiTY е екипа составена од 5 членови базирани во Македонија кои се
натпреваруваат во видео играта Counter-Strike. Counter-Strike е една од
најпопуларните видео игри и се игра повеќе од 10 години на професионално
ниво. Таа е First Person Shooter (FPS) игра односно игра со пукање во
прво лице. Играчите на ENTiTY се регистрирани членови на Македонската
е-Спорт Федерација (МеСФ).
Тимот постои од средината на 2008-ма година и досега се постигнати
значителни резултати: два пати шампиони на националните квалификации за
светското првенство “World Cyber Games (WCG)”, шампиони на првите и
единствени регионални квалификации на територијата на екс-Југославија за
светски познатиот турнир “KODE5” и шампиони на последните два Балкански
турнири во Трикала (Грција) и Белград (Србија).












