Селекцијата на Чешка ни го сруши полуфиналниот сон на Европското првенство, откако со 25-24 ја совлада Македонија. „Црвено жолтите“ имаа шанса за реми кое ќе не оставеше во игра, но Дејан Манасков не реализираше пенал после истекувањето на регуларните 60-ет минути

Избраниците на Раул Гонзалес натпреварот го отворија ефикасно во напад и гранитно во одбраната, што им донесе 4-1 предност на семафорот. Чесите не се созедоа од шокот, а „црвено жолтите“ дојдоа и до плус 4 (6-2).

Најголемата негатива ги отрезна ракометарите на Чешка кои со серија од 3-1 го преполовија водството (7-5) на нашата селекција.Македонија го издржа налетот на Чешка и не дозволи намалување на предност на помалку од два голови.

Во финишот од првиот дел со мини серија нашата селекција дојде до четири голови предност (12-8), но Чешка со 3-1 серија намали на (13-11) со кој резултат се замина од одмор.

На стартот од второто полувреме „црвено жолтите“ направија серија од 5-1 и дојдоа до највисоката предност од пет голови (17-12).

Водството од пет голови Македонија го задржа до 20-15, а потоа чесите голгетерска серија 4-1 намалија на минус 2 (21-19). Чесите со нова серија овој пат 3-1 дојдоа до егал (22-22).

Двете селекции во последните пет минути влегоа со идентични бројки на семафорот (23-23). Чешка погоди со играч помалку за 24-23, а Македонија врати за 24-24 на минута и пол до крајот на мечот.

Чесите го реализираа нападот за 25-24, а ние не погодивме, но и нашите противници не успеаја да погодат и Македонија имаше напад за егал. Брзиот напад на Македонија и донесе пенал после прегледувањето на снимката, но во гол не го претвори Манасков.

После овој пораз Македонија во последната рунда со Данска ќе игра за честа и за што подобар пласман на ЕП.

OhridNews