Без голови и без победник заврши пресметката помеѓу Шпанија и Шведска, во рамките од Е групата на Европското првенство во фудбал. Во првиот меч од групата, Словачка со 2-1 ја совлада Полска и ги запиша првите бодови на табелата.

„Црвената фурија“ доминираше во дуелот со швеѓаните на стадионот во Севиља, но немаше одговор за расположениот голман Робин Олсон. Шведската единица одбрани најмалку пет зицери во текот на натпреварот, а свои прилики имаа „викинзите“, но далеку од оние шпанците.

Мечевите од Е групата со триумф ги започна Словачка која со 2-1 славеше над Полска. Словачка максимално го искористи слабото издание на Полска и ги зграпчи бодовите. Словаците поведоа со 1-0 и со таков резултат заминаа на одмор. Полјаците изедначија и тргнаа по победата, но во меѓувреме останаа со фудбалер помалку и мораа да запрат. Селекцијата на Словачка бројчаната предност ја капитализираше со нов гол, кој на крајот се покажа пресуден за победа.

Словачка со три бодови е лидер во групата, Шпанија и Шведска со по еден бод ја делат втората позиција, додека полјаците се последнопласирани без бодови.

OhridNews