Во пресрет на последното коло од квалификациите за ЕП во Полска и Украина, калкулациите се неизбежна алка во расплетот по групи. Светскиот и европскиот првак Шпанија заедно со Англија, Италија, Германија и Холандија обезбедија пласман во завршната фаза.

 

Во групата А, Германија е сигурен патник. Белгија е второпласирана со бод повеќе од Турција но гостува кај “панцирите“ кои имаат 100% скор во квалификациите. Турција на домашен терен ја пречекува селекцијата на  Азербејџан.

 

Во групата Б каде што е и Македонија, Русија речиси обезбеди пласман бидејќи во Москва ќе се сретне со аутсајдерот Андора. Р. Ирска во директен дуел со Ерменија ќе решеваат за втората позиција која води во баражот. На “детелините“ им е доволен и бод додека изнанадувањето од овој циклус Ерменија мора да брка победа.

 

Србија ја закомпликува ситуацијата откако не триумфираше над Италија во Белград. Естонија е на втората позиција со еден бод пред Србија но ги одигра сите натпревари. “Орлите“ за пласман во баражот треба да триумфираат на гостувањето во Словенија, нерешен исход не и оди во прилог на Србија поради послабиот меѓусебен скор со Естонија. На “азурите“ им е загарантирано првото место во групата Ц.

 

Франција со директниот конкурент БиХ ќе решаваат за првото место во групата Д. “Триколорите“ имаат еден бод предност и на домашен терен ги пречекуваат Џеко, Мисимовиќ и “компанија“.

 

Се е јасно во групата Е, Холандија е прва, Шведска е второпласирана. “Викинзите“ со победа во последното коло ќе атакуваат на адутот “најдобар втор“ кој обезбедува директен пласман на ЕП.

 

Хрватска направи од готово, вересија откако претрпе пораз од Грција. Европскиот првак од 2004 со реми во Грузија ќе обезбеди виза за Полска и Украина. За “коцкестите“ останува да ја торпедираат Латвија и да останат во игра за “најдобар втор“.

 

Црна Гора во првиот квалификациски циклус за ЕП приреди сензација, обезбедувајќи бараж средба. Англија која не се пласираше на ЕП во Австрија и Швајцарија се врати во старото јато каде припаѓа.


Групата Х е најдраматична, Португалија е на чело на табелата но гостува во Данса која со победа обезбедува директен пласман. Од сенка напаѓа Норвешка која има теоретски шанси за второто место кое води во баражот.

 

Чешка и Шкотска ќе се борат за втората позиција, шкотите се среќаваат со Шпанија. Чесите во последното коло ја пречекуваат Литванија, ако Шкотска загуби од “црвената фурија“ на “плаво белите“ ќе им биде потребен бод за втората позиција.


Мх.П.