Македонската фудбалска репрезентација до 21 година гo запиша првиот бод на Европското првенство во Полска, откако ремизираше со Србија (2-2) во втората рунда од групната фаза.
Ремито од балканското дерби не оди во прилог на двете селекции кои ги загубија шансите за пласман во полуфиналето, но за нашите фудбалери е историски, бидејќи е прв на големите натпревари.
„Црвено жолтите“ беа блиску до победата по голот за водство на Никола Ѓорѓиев во 84-та минута. Србите во 90-та минута преку Урош Ѓорѓевиќ израмнија, а минута подоцна имаа и шанса за победа, но стативата беше сојузник на Алексовски.
Претходно, репрезентативците на Србија поведоа со погодок од недозволена офсајд позиција. Стрелец на голот беше Мијат Гачиновиќ во првиот дел. Македонија израмни после час игра, откако во гол ударот од белата точка го претвори Енис Барди.
Во последната рунда Македонија ќе ги одмери силите со Португалија, додека српските фудбалери ќе се сретнат со Шпанија.
Фото: Гол.мк
OhridNews