Членовите на ракометниот клуб Охрид, Кирил Колев и Јосип Кезиќ имаа „спортски дуел“ во кафе барот Шила дебатирајќи за исходот од мечот помеѓу Македонија и Хрватска вечерва во 21 часот во третата рунда од групната фаза на Евробаскетот кој се одржува од 5 до 20 септември во четири земји.
Хрватскиот интернационалец во редовите на Охрид типува на сигурна победа на неговата родена земја, а на Македонија и дава мали шанси за триумф.
– Очекувам сигурна победа на нашата селекција со десет поени разлика. Кошаркарите на Хрватска немаат право на грешка по поразот од Грција во втората рунда. Поучени од тој натпревар избраниците на селектор Перасовиќ ќе одиграат далеку поквалитетен меч што ќе ги одведе до победа. – рече Кезиќ.
Чуварот на мрежата во охридскиот состав Колев верува дека момците нема да се предадат лесно и дека ќе дадат се од себе во мечот со хрватите.
– Репрезентативците мора да дадат се од себе за да остварат добар резултат. Не смеат да попуштат ниту во еден момент од натпреварот. Никој не смее нас да не отпише пред почетокот на мечот затоа што ние токму тогаш сме најсилни. – потенцираше Колев.
Кезиќ својата селекцијата ја гледа меѓу четирите најдобри на стариот континент додека пласман во втората рунда на Македонија со повеќе од две победи е голем успех за Колев кој во минатото ги бранеше боите на ракометна репрезентација.
Мх.П.












