Бодот како планина против Чешка, нема ништо да вреди доколку Македонија не ја совлада Австрија во третиот меч од првата рунда на ЕП во Данска. Ако на првиот меч беше евидентно отсуството на повредениот Мојсоски, на мечот против Чешка победа не чинеше слабата партија на Ристовски. Згора на тоа Обрван не му даде ни минута шанса на “Диви“ Ангелов, ако не друго барем да го одмори “министерот за одбрана“.
Тоа на најдобро го знае и капитенот Лазаров кој по мечот со Чешка рече. – Очекуваме поголема поддршка од голманите, против Чешка остваривме одличен резултат, ако се знае дека имавме шест одбрани. Против Австрија ќе ни требаат 15 одбрани од голманите, ако сакаме да стигнеме до посакуваната победа.
Австрија ја елиминиравме во ланскиот бараж двомеч, но оваа не е истата селекција против која игравме тогаш, предупреди Влатко Митков, кој настапува во Австриската бундеслига. – Мислам дека многу напредувале и дека се посилни за разлика од нашите претходни две средби во баражот за светското првенство во Шпанија. Посебно треба да внимаваме на нивните крила кои брзо се трансформираат од одбрана во напад и можат да бидат многу незгодни.
Но Македонија не го кажа последниот збор на овој шампионат. Тоа го потврди најдобриот додавач во нашиот состав, Миркуловски. – Се чувствувам заморно, имав силни дуели со ривалите, но сега имаме еден ден одмор, кој мислам ќе не освежи и ќе ни ја врати силата. Имаме уште за покажување во првата фаза, Австрија е селекција која не смее да се потцени.
Македонија ја има судбината во своите раце, победа не води во главната фаза. Со реми или пораз ќе мора да го чекаме исходот од мечот Данска – Чешка.
Мечот Македонија – Австрија се игра во 18.15 минути, а ќе го води судиска двојка од Франција.
ohridnews













