Македонската ракометна репрезентација вечерва во 18 часот во третата рунда од Ц групата силите ќе ги одмери со бранителот на трофејот на Европското првенство, Германија.
Селекторот на Македонија, Раул Гонзалес за дуелот со европскиот шампион направи една принудна промена во составот. Поради повреда од ростерот отпадна Филип Лазаров, а местото негово ќе го заземе Велко Маркоски кој ќе има деби на евро-шампионатот во Хрватска. Левиот бек кој постигна исклучителни важни голови во победите над Словенија и Црна Гора се пожалил на болки во мускулот и во консултација со лекарскиот тим одлучиле Лазаров да паузира.
Победникот од овој натпревар во главната фаза ќе пренесе дополнителни два бодови, бидејќи двете селекции имаат обезбедено пласман понатаму. Во пресрет на дербито за врвот во Ц групата, Македонија има четири бодови, додека Германија еден помалку.
Во вечерниот термин од Ц групата (20:30ч) ќе се сретнат Словенија и Црна Гора. Победа и реми и одговара на Словенија, додека на Црна Гора и треба победа за пласман понатаму.
OhridNews