Во втората рунда од првата фаза на Европското првенство во Данска, Македонија го освои првиот бод ремизирајќи со Чешка 24-24. Ремито и не е така мал резултат за селекторот Ивица Обрван, капитенот Кирил Лазаров, кој брилираше со 12 погодоци и крилниот ракометар Гоце Георгиевски.

– Нерешениот исход со селекцијата на Чешка не е лош резултат бидејќи пак ние сме во предност во однос на чесите. Од натпревар во натпревар играме се подобро и веруваме во победа против Австрија иако тие на првиот меч против Чешка покажаа дека се квалитетна селекција – рече Георгиевски.

– Чешката селекција е многу квалитетна. Тоа беше в печатливо во сите 60 минути бидејќи ниту еднаш не се откажаа иако ние повеќе го имавме водството во наши раце. Радува фактот што на дуелот со нив бевме многу разноврсни во нападот и тешко им беше да ни ја прочитаат играта во напад – посочи Лазаров.

– Сосема реален исход на крајот на мечот. Среќен сум што во финишот ударот на Јиха не ја погоди целта и заврши покраја голот. Сега време е да се фокусираме на третиот натпревар во групата, кој за нас ќе биде решавачки – потенцираше селекторот Обрван.

Мх.П.