Македонскиот селектор Ивица Обрван причините за поразот од Унгарија ќе ги најде во слабото прво полувреме кога Македонија не личеше на себе.
– Премногу слабо ја отворивме средбата, без потребниот ритам и со голем број промашени зицери. Ваквиот развој на настаните придонесе Унгарците лесно да стигнат до предност уште во првото полувреме и предвреме да си ја осигураа победата. Во вториот дел игравме подобро, но беше невозможно да се вратиш од седум гола негатива против ривал како што е Унгарија. Ова треба што поскоро да го заборавиме, да свртиме нов лист и против Исланд да се покажеме во далеку подобро светло. Во името на играчите му се извинувам на македонскиот народ, не толку за поразот, колку за пристапот во играта во првото полувреме. Не е срамно да се загуби од Унгарија, но факт е дека ние на почетокот на мечот не се боревме доволно“ – истакна селекторот Обрван.
Џокерот Немања Прибак го немаше очекуваното влијание во своето деби за Македонија, не одигра на вообичаеното ниво и се вклопи во сивилото на нашиот национален тим.
– Искрено, јас не очекував премногу од Прибак бидејќи тешко е да се влета од клупа по дваесетина дена седење во позадина. Моја желба беше да го користам во еден дел од мечот, но како што се отвори дуелот, многу негативно за нас, така дојде и до нервоза во играта и едноставно на момците се виде дека е тешко да се средиме и да заиграме одбрана. Прибак се вклопи во тоа сивило, тој не одигра катасстрофално, но не го даде она што јавноста го очекува од него. Сепак, не се сомневам дека во следниот меч тој ќе биде на потребното ниво, како и сите останати ракометари“ – порача Хрватот на клупата на македонската репрезентација.

– Кире ни донесе многу значајни бодови на овој шампионат, не смееме да ги заборавиме мечевите со Чешка и со Австрија. Тој денеска едноставно немаше свој ден, тоа може секому може да му се случи, Лазаров не беше толку лош, едноставно не беше на нивото на кој јавноста е навикната да го гледа. Одигравме многу млако во одбраната, особено во првото полувреме, што беше главен фактор во битката за позитивен резултат“ – истакна за крај македонскиот селектор.
извор Екипа.мк












