Репрезентација на Србија го направи најголемото изненадување во 2 коло од Европското првенство во ракомет што се игра во Данска,  Норвешка и Шведска. Во интересен и неизвесен натпревар,  Србија со пресврт во второто полувреме го совлада фаворитот Германија со 30:27 (13:17).

Претходно во истата група Шпанија ја совлада Австрија 30:25. Шпанија е лидер со 4 бода, Србија и Германија имаат по 2. Во последното коло играат Шпанија-Германија и Србија-Австрија. Во случај трите репрезентации да завршат со ист број бодови ќе решава гол разликата.

Франција ја декласира Украина 46:26, а Норвешка оствари рутинска победа над Чешка 29:24, со што фаворитите обезбедија пласман во втората фаза.

Во останатите мечеви, Шведска ја совлада Холандија 35:31, а Хрватска славеше над Грузија 32:29.

Македонија денеска беше слободна. Следниот меч избраниците на Кире Лазаров го играат утре во 18 часот против Португалија.

Г.М.