Кошаркарската репрезентација на Франција е нов шампион на Европа, откако во финалето што се одигра вечерва, убедливо ја совлада Литванија со 80:66.
Рамноправна беше единствено првата четвртина, по која на теренот постоеше само една екипа, таа на Франција. Гранитната одбрана, брзите контри и ударите за три, беа нерешлива енигма за литванскиот состав во кој единствен вистински расположен играч беше Клеиза кој со 20 поени беше најефикасен на натпреварот.
На полувреме Франција замина со +17, предност која рутински ја задржа во вториот дел. Најефикасен кај шампионот беше Батум со 17 пени, Диао постигна 15, а Тони Паркер кој е прогласен за најдобар играч на првенството уфрли 12 поени.
За Франција ова е прва шампионска титула во третото финале на европските првенства.
Бронзениот медал го освои Шпанија која во малото финале, исто така убедливо, ја совлада Хрватска со 92:66.
Последен пат на пиедесталот Хрватска беше пред 18 години, но моќната Шпанија беше пресилен противник за „коцкестите“ кои останаа без медал. Мала утеха им е тоа што директно обезбедија пласман на Светското првенство догодина, чиј домаќин е токму Шпанија.
Следното Европско првенство се игра за две години во Украина.
OhridNews