Репрезентацијата на Италија имаше успешен почеток на Европското првенство во фудбал, победувајќи ја Турција со 3-0 (0-0), на премиерниот натпревар кој се одигра на Олимпискиот стадион во Рим.

„Азурите“ комплетно го одбележаа првиот натпревар од 16-то издание на Европско првенство, додека турците потфрлија, играјќи далеку под своите можности. Италијаните отпорот на турците, кои беа ултра дефанзивно поставени го скршија во вториот дел, откако првите 45 минути завршија со празни мрежи.

Пулените на Роберто Манчини резултатот го отворија со голема помош од Мерих Демирал, кој си постигна авто гол. Водечкиот погодок им даде крилја на „азурите“, кои после десеттина минути го дуплираа водството. Стрелец за 2-0 беше Чиро Имобиле. Конечните 3-0 ги постави Лоренцо Инсиње, кој со погодок ја заокружи маестралната претстава на „Олимпико“.

Првата рунда во групата А ќе се комплетира со дуелот Велс – Швајцарија.

OhridNews