За 25% зголемен е бројот на ковид случаи во земјата во последните две недели, изјави денеска на пресконференција министерот за здравство Венко Филипче

Ваквиот раст е очекуван имајќи предвид што се случува во земјите на регионот каде има огреомен број случаи, во Бугарија само вчера имаше преку 5000 нови случаи и над 100 починати, а висок е бројот на новозаразени и починати и во Грција и Србија. – посочи Филипче.

Во моментов во сите ковид центри во земјата има над 500 хоспитализирани пациенти, истакна Филипче, посочувајќи дека е добро што нема голем притисок врз болниците.

Нашата анализа покажа дека проценттот на хоспитрализирани во однос на дијагностицирани е намален ако се анализира со претходните бранови. Во моментов тој е 6,4 %, односно од 8000 активни случаи 518 се хоспитализирани. Причина за тоа се повеќе фактори, заразени се поголем број помлади, а вакцинираните лица кои развиле симптоми на Ковид имаат полесни симптоми и не се хоспитализирани. – истакна Филипче.

Филипче смета дека изборите не се причина за зголемување на бројот на новозаразени, повторувајќи дека најголем број од новите случаи се кај помладата популација.

Што се однесува до вакцинацијата, до сега во земјава аплицирани се 1,6 милиони дози.

Околу 44% од вкупното население е опфатено со вакцинација. За жал има стагнација на ова поле, но вакцинацијата е единствениот начин да се излезе од оваа криза. – рече Филипче.

Тој упати апел до населението да се вакцинира, истакнувајќи дека се докажа оти вакцинираните кои се заразуваат со Ковид имаат полесна клиничка слика и минуваат полесно. Побара од граѓаните да ги почитуваат протоколите и да бидат особено вниматтелни во сезоната на слави и да избегнуваат масовни собирања, кои секогаш носат ризик од зараза.

Запрашан дали се размислува за рестриктивни мерки, Филипче рече дека состојбата внимателно се следи и соодветно ќе се реагира во согласност со препораките на  Комисијата за заразни болести, со која, како што рече, министерството е во постојан контакт. Што се однесува до дополнителни рестрикции за невакцинираните, Филипче истакна дека на состанокот на Комисијата закажан за петок ќе се разговара за ова прашање во согласност со искуствата во земјите во регионот, како и искуства од земји во Европа.

Во наредниот период ќе се прави анализа која која варијација на вирусот сега е доминантна во земјата, а ќе продолжи и скринингот во училиштата каде до сега се тестирани над 5000 ученици, од кои 15 биле позитивни.

Во врска со сертификатите за вакцинација, пак, Филипче информираше дека вакцинираните граѓани сега ќе може да симнуваат дигитален Европски сертификат од апликацијата vakcinacija.mk.

Филипче информираше дека има доволно вакцини за Ковид, а државата набавила и 40000 четиривалентни вакцини за сезонски грип кои се дистрибуираат низ земјата, појаснувајќи дека не постои пречка од здравствен аспект да се примат обете вакцини.

Г.М.