Ракометарите на Охрид забележаа убедлива победа над турскиот претставник Спор Тото 36:24 (18:10), во првиот натпревар од 2 коло од ЕХФ Европскиот куп.
Екипата на Борис Ројевиќ доминираше во текот на целиот натпревар. Противникот се обиде со цврста игра во одбраната да го неутрализира напаѓачкиот потенцијал на домаќинот, но и покрај солидниот отпор разликата во квалитет беше на страна на актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот куп кој забележа висока победа што, како што беше истакнато по завршувањето на мечот, била и една од целите пред реваншот кој се игра утре, исто така во салата „Билјанини извори“.
Добар меч за нас што се гледа и по разултатот на семафорот. Прв пат играме со овој противник и нормално е да има одредени грешки во играта, но целта е остварена, имаме + 12 што беше наш договор во соблекувалната, со цел во реваншот да влеземе посмирено, изјави за Охридњуз Никола Зечевиќ.
Најефикасен во редовите на Охрид беше Доминик Мате со 10 гола, на голот брилјираше Дино Славиќ кој мечот го заврши со 15 одбрани. Најефикасен кај Спор Тото СК беше Илкан Колешоглу со 8 гола, а голманот Ѓоктепе имаше 10 одбрани.
Статистика ГРК Охрид: Стрмљан 4, Ојлески 1, Јагуриновски 1, Јошида 2, Иванковиќ 3, Кеита 1, Карапалевски, Тасески 1, Савревски 2, Мате 10, Лиапис, Зечевиќ 3, Ѓукиќ 6, Ќосевски 2, Блажески, Славиќ (15 одбрани).
Реваншот се игра во Охрид утре (сабота), со почеток во 18:30 часот.
Г. М.
Фото | Видео: Анамарија Момироска















