Необичната средба на двајца врвни специјалисти, во Охрид ќе ги донесе најдобрите светски искуства од областа на естетската стоматологија кои се практикуваат во Дубаи, Обединети Арапски Емирати (ОАЕ). Таму, пак, ќе бидат споделени искуствата на Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, лидер во областа на денталниот туризам кај нас.

Се почнало случајно, а можеби и не.

Д-р Кинан Бони, естетски стоматолог во денталната клиника „DR JOY“ во Дубаи, при неодамнешната работна посета на Охрид, на доручек од хотелот во кој бил сместен го забележал брендираното возило на Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“. Вниманието му го привлекол натписот „Dental Tourism Services “. На својот мобилен ја отворил веб страницата на „Д-р Баткоски“ испишана на службеното возило и тука почнало се.

Кога ја погледнав веб страната сфатив колку е професионална оваа клиника. Ако беше мала клиника, не би бил многу заинтересиран да ја посетам. Но, нешто многу интересно се случуваше тука, дентален туризам во Охрид. Пишав на Инстаграм страната и некој ми врати, а потоа добив покана да ја посетам клиниката. Кога отидов таму бев вчудоневиден од начинот на кој таа е уредена и опремена. Многу професионално, а од друга страна се чувствуваш како дома, што е реткост во клиника. Го запознав доктор Небојша Баткоски, одличен човек со добро срце кој кога ќе го видите, имате чувство дека го знаете долго време. Три пати се видовме, а имам впечаток како да сме пријатели со години. – вели Д-р Кинан Бони.

Д-р Бони и Д-р Баткоски, имаат силна страст кон својата професија, па разговорот набрзо преминал во практична размена на искуства.

Тој сакаше да ја види мојата работа, а јас неговата. Облековме мантили и тоа беше клучниот момент. Од тука започна разговорот да организираме курс за естетска стоматологија наменет за стоматолози, но и за студенти на стоматологија, на едно повисоко ниво, не на основно, но сите се добредојдени. Потоа сфативме дека работиме со исти материјали и исти техники. – истакна Д-р Небојша Баткоски, сопственик на Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“.

Се планира курсот за естетска стоматологија во Охрид да се одржи на есен. Предвидено е да трае 7 дена, со вистински пациенти, при што ќе се решаваат реални стоматолошки проблеми од почеток до крај, со примена на врвна техника и опрема.

Во Охрид ќе реализираме еден од најдобрите курсеви во регионот. Целиот процес ќе биде видео и фото документиран. Стоматологот ќе знае што се случува, од А до Ш, како да се започне и како да се заврши. Курсот ќе биде од типот „over-the-shoulder“, односно докторот ќе работи, а стоматолозите ќе го гледаат. – додава Д-р Кинан Бони.

На курсот во Охрид ќе претходи работна посета на Д-р Небојша Баткоски на клиниката „DR JOY“ во Дубаи, каде денталниот туризам е развиен на највисоко ниво што привлекува исклучителни гости кои се заинтересирани за естетска корекција на својата насмевка.

Д-р Кинан Бони има три универзитетски дипломи. Специјалност му е естетската стоматологија, а пациенти му се познати личности и инфлуенсери од целиот свет, со кои соработува на промоција на социјалните мрежи. Инстаграм профилот на кој тој ја промовира својата работа има над 31.000 следбеници, a на Фејсбук неговата работа ја следат над 20.000 луѓе.

Креирав Инстаграм профил и ангажирав професионален фотограф. Целта е пациентите да ја видат мојата страница, да ја видат мојата работа и да закажат термин. Дубаи е место каде што има голем број локални жители, но и инфлуенсери од целиот свет. Сите живеат таму, актери, спортисти, луѓе од модната индустрија, модели… Почнав да контактирам инфлуенсери со голема публика за да ја промовираат мојата клиника на нивните профили. Со тек на време, тие луѓе ми станаа пријатели. Секогаш доаѓаат кај мене и ја споделуваат мојата работа на социјалните мрежи. Така добивам се повеќе и повеќе следачи, што е добро за работата што ја работам. – посочува Д-р Бони.

Д-р Кинан, инаку роден Сирииец, го обожува Дубаи, каде живее од 1996 година, кога градот ни од далеку не беше налик на денешната метропола, која, сега е меѓу најпосакуваните и најпосетувани светски туристички дестинации.

Беше многу интересно да се види како Дубаи во краток временски период стана еден од најдобрите градови во светот. Замислете да го поминете детството на улици на кои нема ништо, за да израснете и да ја видите највисоката кула во светот. Денес кога ќе помислите на Дубаи, најчесто се мисли на скапиот Дубаи. Но не е така. Еден американски новинар направи многу добро видео: „Како да се преживее во Дубаи со 200 евра за една недела“. Зависи што сакате, може да престојувате во многу убав хотел со 5 ѕвезди за 50 евра од вечер или може да престојувате во хотел за 1000 евра од вечер. Се е работа на избор, желби и можности, а Дубаи е токму тоа, град на можности. – ни изјави Д-р Кинан Бони, модерен естетски стоматолог, кој своите искуства и практики ќе ги сподели со македонските колеги на специјалниот курс што ќе се одржи во Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ во Охрид, претстојната есен.

Горан Момироски
Фото: Антонио Стаматовски