Бегалците низ Македонија и Србија и натаму само ќе минуваат и нема трајно да останат во прифатните центри со капацитет од 50.000 лица кои до крајот на годината ќе бидат изградени на Западен Балкан, соопшти Европската комисија.

Во Брисел, исто така, е ставено до знаење дека бегалците кои ќе покренат постапка за азил нема да бидат префрлани од Македонија и Србија во државите членки на Европската унија.

„Единствено бегалците од војни и прогони на кои на „жешки влезни пунктови“ во Грција ќе им биде одобрена постапка за азил ќе бидат префрлани во другите членки на ЕУ, а истата постапка важи и за „жешките влезни точки“ на надворешната граница на ЕУ во Италија“, рече портпаролката на ЕК, Наташа Берто.

Според неа, сместувачките капацитети ќе бидат наменети за бегалците од војните, како Сирија, но и за краток престој на економски емигранти кои немаат право на азил во ЕУ, што веднаш ќе се утврдува со попис и проверка на идентитетот на „жешките влезни пунктови’ на надворешните граници на ЕУ во Грција и Италија.

Берко подвлече дека 50.000 места за бегалците се наменети за да на краток рок, додека минуваат преку западнобалканската рута, бидат згрижени од зима, дожд и тешките хигиенски услови“.

OhridNews

Извор:„Макфакс“