Амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас денес оставри посета и на Планинската спасителна служба во Охрид каде одблиску се запозна со инфраструктурата, опремата и човечките ресурси со кои располага истата.
На средбата беа презентирани тековните и идните проекти на Националниот сојуз за планинско спасување (НСПС), насочени кон унапредување на планинското спасување на национално ниво, како и стратегијата за изградба на функционален и одржлив систем за координирано дејствување низ целата територија на државата, информира претседателот на Националниот сојуз за планинско спасување Антонио Додевски.
Додевски го информирал амбасадорот за организациската структура на НСПС, за мрежата од локални спасителни тимови кои функционираат на волонтерска основа, како и за предизвиците со кои се соочуваат, особено во делот на системско препознавање и интегрирање на волонтерските организации во државниот систем за цивилна заштита.
На средбата присуствуваа и претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, и секретарот, Мимоза Ставрева, долгогодишни поддржувачи на Планинската спасителна служба, која повеќе од две децении делува во рамки на општинската организација како столб на безбедноста во охридскиот регион.
Амбасадорот Рокас ја изрази и својата лична подготвеност да го поддржи процесот на институционално интегрирање на НСПС во државните структури.
Веруваме дека оваа средба претставува нов чекор напред во градењето мостови помеѓу граѓанските иницијативи и институциите, и дека во блиска иднина ќе видиме конкретни резултати од заедничките заложби за побезбедни планини и поефикасен систем за заштита и спасување на национално ниво, додава Додевски.
OhridNews