Некои во домашна атмосфера, дел во Белград, а најголемиот број охриѓани во некое од бројните кафулиња низ градот ќе го следат натпреварот Македонија- Србија, кој вечерва со почеток во 20 часот ќе се игра во рамки на Европското ракометно првенство што се игра во соседна Србија. Сите сплотени со една единствена желба- да победи македонскиот тим.


Горан Стојаноски(актер)– Дефинитивно посакувам победа на македонската репрезентација. Со особена возбуда ги следам натпреварите од европското првенство во ракомет, како и кога се играше првенството во кошарка, затоа што никогаш како сега не сум се чуствувал помакедонски и посплотен со мојот народ, без било каков личен или партиски интерес. Верувам дека ќе победи Македонија, за што ќе придонесе и големата поддршка која нашите ракометари ја имаат од нашите навивачи и македонскиот народ кој во овој случај има една единствена цел- да победи македонскиот тим. Натпревароот ќе го следам во домашна атмосфера.

Анета Јованоска(Црвен крст-Охрид)– Сметам дека денешниот натпревар ќе заврши со нерешен резултат, поради големата поддршка која ќе ја има српскиот тим од страна на публиката со оглед дека тие се домаќини на првенството. Се надевам дека се ќе помине без некакви несакани инциденти, до кои би можело да дојде поради бројноста на македонската и српската публика. Денешниот натпревар ќе го следам во домашна атмосфера, со моето семејство и пријатели, рече Анета Јованоска.

Атанаско Михаилов(претседател на ОК на ВМРО- ДПМНЕ)– Дефинитивно очекувам победа на нашиот тим, затоа што треба да победи подобриот, а тоа секако е македонската репрезантација. Натпревароот ќе го следам во некое од кафулињата, со моите пријатели.

Душко Јаковчески(претседател на совет)– Се надевам дека нема да изгубиме на денешниот натпревар. Гласот на разумот ми вели дека ќе е нерешено, додека пак мојата голема желба е да победиме. Натпреварот ќе го следам во домашна, навивачка атмосфера, а морам да напоменам дека натпреварот ќе го следиме на нов тв приемник.

Тања Маленкова(новинар)– Дефинитивно очекувам победа на нашите ракометари. Ги следам сите натпревари во рамки на првенството, во домашна атмосфера заедно со моите деца кои се страствени и верни навивачи за македонската репрезентација.


Голем број навивачи од Македонија, заминаа за Белград каде ќе ги бодрат нашите ракометари. Меѓу нив и директорот на ЈП Охридски комуналец, Сашо Алчев, кој не информира дека натпреварот ќе го следи во живо и ракометарите ќе ги бодри во арената во Белград.

Очекувам победа за Македонија– вели Алчев.

Владата на Република Македонија за вечерашниот натпревар обезбеди бесплатен железнички превоз и билети за 1000 македонски граѓани.

Македонските ракометари во последната рунда од главната фаза се пред (не)возможна мисија да обезбедат пласман меѓу најдобрите четири репрезентации на континеталниот собир.

OhridNews