Познатиот струшки хотел Еурохотел може да остане без единствената плажа, откако имот со површина од околу 3,5 хектари кој зафаќа и делови од атрактивното крајбрежје по судски пат во 2005 година им бил вратен на повеќе наследници од исто семејство.

Од хотелот тврдат дека не биле воопшто запознаени оти плажата, во која, како што посочуваат, Еурохотел со години вложувал во одржување, била предмет на судски спор. За тоа дознале дури минатата година при аплицирање на огласот за издавање на делови од струшкото крајбрежје под концесија, но постапката била запрена поради нерасчистени имотно правни односи.

Во писмената реакција Управниот одбор на Еурохотел изразува изненаденост од одлуката на судот затоа што, како што тврдат, се работи за имот кој кон средината на минатиот век бил потопен при изградбата на хирдоцентралата Глобочица, што предизвикало трајно подигање на нивото на Охридското Езеро.

„Наводните сопственици на плажата повеќе години молчат за својата „придобивка“ и чекаат погоден момент. За нив тоа бил чинот на давање на плажата под концесија на хотелот, кој според законот има право на првенство во вакви случаи. Претставници на Комисијата на Министерството за транспорт и врски констатираат дека тука би имало некаков правен проблем и се повлекуваат од постапката, со не сосема јасни образложенија“-стои во писмената реакција на УО на Еурохотел.


Оттаму посочуваат дека државата се однесува апатично и незаинтересирано и дозволува спротивно на законот да се отуѓува земјиште од јавен интерес.

„Имено, според четири закони, па и според Законот за Охридско Езеро, државата е сопственик на просторот од езерската линија кон внатрешноста во длабочина од 50 метри, додека без нејзина согласност не се можни никакви промени, па и имотни, до 500 метри во длаболчина, односно во овој случај до главниот пат Струга – Охрид!“-стои понатаму во реакцијата на Управниот одбор на Еурохотел.

Спорното земјиште сеуште не е предадено во владение на наследниците за што во тек е судски процес, иако во меѓувреме тие почнале да ја заградуваат плажата пред Еурохотел.

– Изненадува фактот што пред 10 дена иако судскиот процес е во тек, тужителите по мене неовластено вршат оградување на просторот кај Еурохотел, со што се доведува во прашање функционалноста на хотелот во целина и на плажата како државно добро. Ова дотолку што од вештачењето е констатирано дека плажата претставува имот на РМ и истата во катастарот се води како Охридско Езеро.-изјави Гоце Врангалоски – адвокат на Еурохотел Струга.


Поставувањето на оградата на плажата кај Еурохотел продолжило и вчера во тензична атмосфера на раб на инцидент, а ситуацијата ја смирувала полицијата. Од СВР Охрид информираат дека добиле дојава од член на УО на Еурохотел дека непознати лица бесправно поставуваат ограда на плажата пред хотелот, за што бил известен и јавниот правобранител, кој исто така излегол на терен. Според СВР Охрид на местото на настанот имало вербална расправија, а полицијата ги предупредила инволвираните страни проблемите да ги решаваат во суд.

Хотелот Еурохотел е изграден во раните 80-ти години од минатиот век. Сопственици на апартмани во хотелот се бројни компании и физички лица. Поради специфичноста на дејноста општината Струга своевремено го промени  движењето по стариот пат за Охрид со изградба на нов пат, кој и сега го заобиколува  хотелот. Со тоа се овозможи непречен пристап до плажа на гостите во овој и другите туристички комплекси во непосредна близина. Сопственоста над плажата сега е оспорена, а овој имот ќе биде предмет на уште едно вештачење. Од Еурохотел очекуваат дека државата ќе го заштити интересот на пошироката заедница. За таа цел оттаму било предложено да се изврши експропријација на спорното земјиште, односно оштетените граѓани кои сега се јавуваат како наследници на имот кој зафаќа и дел од плажата пред хотелот, државата соодветно да ги обештети.

OhridNews