Неколку автобуси со странски државјани под полициско обезбедување неодамна се забележани во стариот дел од градот, на што збунето реагираа граѓани на Охрид бидејќи, како што рекоа, не се навикнати гости да шетаат со полициско обезбедување. Автобусите со кои биле превезувани посетителите кои, неофицијално, се сместени во хотел на охридското крајбрежје, биле паркирани непосредно пред влезот на стариот дел на градот, што предизвикало сообраќаен метеж поради тесниот пат и специфичната конфигурација на теренот.

Од републичкиот Црвен крст информираат дека станува збор за лица евакуирани од Авганистан, кои се сместени во околината на Охрид.

Почнувајќи од 24 март 2022 година, Црвен крст на град Скопје преку мобилните тимови за хуманитарна асистенција на бегалци и мигранти започна со имплементација на проект за згрижување на евакуирани лица од Авганистан, во хотел Десарет-Пештани во Охрид. Согласно потребите веќе е отворено детско катче, училиште за неформално образование, ИТ катче како и соба за мајки и деца со континуирана психосоцијална поддршка и 24-часовна медицинска грижа, додаваат во информацијата.

Согласно активностите и преземените обврски од нашето членство во НАТО, РС Македонија обезбеди привремено сместување на 68 Авганистанци, наши сојузници, кои претходно беа ангажирани од страна на НАТО за време на мисијата во Авганистан, велат во соопштение од Министерството за надворешни работи.

Оваа група е дел од поголемата група Авганистанци кои беа сместени во базата „Бехтел“ (Bechtel Facility), во Косово, од каде меѓу земјите – членки на НАТО привремено се распределени сите Авганистанци, кои беа евакуирани од Кабул. На лицата во земјава им е обезбедено привремено сместување, сѐ до обезбедување на нивната документација за упатување кон финалните дестинации каде е одредено нивното постојано живеалиште, се додава во соопштението од Министерството за надворешни работи.

Воедно од Министерството велат дека вкупниот број на авганистански цивили на кои им е обезбедено привремено престојувалиште во земјава изнесува нешто повеќе од 800 лица, од кои повеќе од половината веќе ја напуштија Македонија, упатувајќи се кон нивната конечна дестинација.

За време на привремениот престој во Македонија на Авганистанците им е обезбедена помош и поддршка од државните институции и невладини организации, со што земјава е дел од глобалната хуманитарна акција за помош на Авганистанците кои посветено работеле на унапредување на демократските процеси во Авганистан или биле ангажирани од страна на меѓународни организации и агенции, се додава во соопштението.

Н.С.Ј.
фото. Црвен крст на РСМ