На посебна седница, комисијата за доделување награди и признанија, ќе ги одреди добитниците на повелба „Св. Климент Охридски“ – Патрон на Охрид.

Од вкупно пристигнатите седум апликации во конкуренција за Повелба, се пет кандидати: Д-р Никола Филев, Проф. Стефан Каневче, фотографот и културен работник Зоран Велјаноски – Летра, Слободан Крлески и Здружението на пензионери од општина Охрид.

Добитникот на повелба ќе биде објавен на посебен настан.

За наградата Св. Климент Охридски до локалната самоуправа пристигнале девет апликации. Одлуката кој ќе го добие највисокото општинско признание ќе ја донесат градоначалникот Никола Бакрачески и комисијата која е формирана на негова иницијатива.

Инаку свеченостите по повод 8-ми декември, денот на заштитникот на Охрид Свети Климент Охридски, ќе траат пет дена.

Свечената програма ќе започне на 4-ти декември во четврток во 18 часот со Изложбата на изработки од учениците на ОУ „Св. Климент Охридски“ по што ќе следува и Свечена приредба по повод патрониот празник на ова училиште. Двата настани ќе се одржат во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Во петок на 5-ти декември во 9 часот и 30 минути на кејот „Македонија“ ќе се одржи Атлетски крос под мотото „Во здраво тело – здрав дух “. Истиот ден со почеток во 18 часот, во библиотеката „Григор Прличев“ ќе има промоција на книгата „Златна лира“ од Пандора Јовановска- Илиевска. Во 19 часот во Центар за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена изложба на ликовни творби на учениците од гимназијата „Св. Климент Охридски“ и ќе се одржи промоција на „Збирка задачи во С++“ – Проект изработен од ученичката Исидора Јанева и професорката Жаклина Лазаревска. Во 20 часот во големата сала на Центарот за култура ќе започне свечената програма по повод патрониот празник на гимназијата.

Во сабота на 6-ти декември во 19 часот во „Куќата на Уранија“ ќе биде отворена изложба на фотографии од членови на Фацебоок групата „Охрид- слики од минатото“.

На 7-ми декември во недела во 11 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе има промоција на книгата „Охридски вистини – случки, приказни и факти од минатото“ од Илче Стојаноски, а во 12 часот на градскиот плоштад ќе започне културно-уметничкито хепенинг „Децата за Свети Климент“. Истиот ден во 19 часот и 30 минути во музејот на Робевци во Охрид ќе се одржи традиционална изложба на Фото- клубот „Охрид“ на тема: „Улична фотографија “, црно-бела техника, а во 20 часот на охридскиот плоштад е закажано дефилето „Сите кон Свети Климента“.

На 8-ми декември во понделник во 9 часот и 30 минути ќе се одржи поклонение пред моштите на Св. Климент Охридски на Плаошник. Во 10 часот и 30 минути ќе има полагање свежо цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски во ОУ„Св. Климент Охридски“. Во 11 часот и 15 минути во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена Изложбата на отпечатоци на уметнички дела од австралиски уметници „Богатството на духот“ во организација на Амбасадата на Австралија во Белград, а во 12 часот ќе има полагање свежо цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски на Градски плоштад.

Истиот ден во 19 часот во галеријата на центарот за култура е биде отворена изложба на дела од роднокрајни ликовни уметници, а во 19 часот и 30 минути во големата сала на центарот за култура ќе се одржи Свечената академија – во чест на Св. Климент Охридски- заштитникот на Охрид.

OhridNews