Повторен прекин во снабдувањето со електрична енергија во Охрид и Струга нема да има. Ниту од страна на ЕВН, ниту од МЕПСО немаат најавено прекин.

Од ЕВН  апелираат да не се шират дезинформации и ја уверуваат јавноста дека се прават максимални напори да се санираат дефектите во местата каде има искинати кабли и паднати електрични столбови. Од ЕВН исто така апелираат до граѓаните да не се обидуваат да ги допираат искинатите кабли и оштетени електрични столбови, туку дефектите да ги пријавуваат на дежурниот телефонски број 089088888.

Во моментов дежурните екипи интензивно работаат во охридско- струшкиот регион. Сериозни проблеми има во струшко каде без струја и понатаму се селата Вевчани, Октиси, Велешта, Делогожда, Добовјани и други помали места. Дефектот бил лоциран во атарот на Вевчани, но поради неповолните временски услови и снежни наноси поправката оди тешко.

Преносната мрежа со која управува и оперира МЕПСО е целосно функционална и сите точки на прием на дистрибутивниот систем-оператор се снабдени со електрична енергија и се под напон. – информираат од компанијата.

„Националниот електропреносен систем функционира оптимално и сите над 50 трансформаторски станици приклучени на преносната мрежа се под напон и се снабдуваат со електрична енергија. Во целост ги отфрламе како невистинити шпекулациите дека МЕПСО денеска имал проблеми во снабдувањето со електрична енергија кои беа изнесени во некои од медиумите. Стручните лица од МЕПСО максимално посветено и ангажирано управуваат со електропреносниот систем, а теренските екипи се во целост подготвени да интервенираат доколку се појави потреба за интервенција. Во оваа прилика уште еднаш ќе повториме дека екипите на МЕПСО во зададениот рок вчера (вторник 29 декември 2014 година) ги ставија под напон двете електроенергетски постројки со кои Охрид е приклучен на електропреносниот систем на Република Македонија. При тоа планиранотот исклучување траеше од 14:15 часот до 17 часот.“-се вели во соопштението на МЕПСО.

OhridNews